РАЗОТКРИЕНА НОВА МАНИПУЛАЦИЈА ВО ЦЕНТАР Мемов тврди дека Герасимовски гради без дозвола и ги лаже граѓаните
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија обвинува дека градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, манипулира со јавноста и гради спротивно на урбанистичките планови.
На прес-конференција во населбата Крњево, портпаролот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Никола Мемов, откри дека актуелниот градоначалник Горан Герасимовски се обидува да продаде „лажна приказна“ за уредување на просторот кој, според важечките урбанистички планови, е наменет за изградба на булеварот Крушевска Република, а не за игралишта и зеленило.
– Она што го гледаме денес не е пример за грижа кон жителите, туку пример за самоволие, злоупотреба и грубо прекршување на сите урбанистички норми – рече Мемов од лице место, додавајќи дека активностите се изведуваат без проектна документација и без градежна дозвола.
Според него, станува збор за манипулација со јавноста, бидејќи на граѓаните им било ветено дека ќе се изгради детско и спортско игралиште, додека документите покажуваат дека на тоа место треба да има сообраќајна инфраструктура.
– Тоа што треба да го руши дивоградбите, сега сам ги гради. Ова е скандалозно и спротивно на законите – потенцира Мемов.
Тој повика институциите да проверат дали има издадена градежна дозвола за изведување активности на таа локација и зошто, како што рече, се извршуваат градежни работи без јавна транспарентност.
– Граѓаните на Центар се изморени од лаги и празни ветувања. На 19 октомври ќе изберат човек кој навистина ќе работи во нивен интерес, ќе го заштити јавниот простор и ќе го врати достоинството во општината – порача Мемов.