РАЗЛИЧНОСТИТЕ НЕ НЀ ДЕЛАТ, ТУКУ НЀ ЗБОГАТУВААТ Мицкоски со силна порака на Денот на албанската азбука

Свечена седница во Владата по повод Денот на албанската азбука, премиерот Мицкоски повика на меѓуетничка доверба, почит и обединување околу заедничките вредности.

0

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Денот на албанската азбука носи силна историска и културна симболика и претставува значаен дел од заедничката приказна на државата, на свечената седница што се одржа во Владата по повод одбележувањето на овој празник.

Во својот говор, Мицкоски подвлече дека Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат заедничката национална приказна.






– Албанската заедница со својата култура, јазик, традиции и вредности е суштински дел од нашата држава. Денес, кога го одбележуваме Денот на албанската азбука, оддаваме признание на напорите на генерации кои се бореле за образование, писменост и културен развој, но и на сите кои денес го продолжуваат тој пат. Нашата заедничка татковина се темели на идејата дека секој граѓанин има еднакво место, еднаква вредност и еднаква можност – изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, обезбедуваат достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат општествената кохезија.

Тој додаде дека амбицијата е младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани да ја гледаат својата иднина во силна и развиена држава.

– Општество во кое секој јазик е мост, а не граница. Сила, а не поделба. Богатство, а не предизвик – потенцираше Мицкоски, додавајќи дека Владата работи на низа проекти кои обезбедуваат подобар живот за сите, независно од етничката припадност.

Во таа насока, тој ги посочи инвестициите во инфраструктурата и локалниот развој, модернизацијата на училиштата, поддршката на културните институции, отворањето нови можности за младите, како и тековните програми за дигитализација и јакнење на институциите што се грижат за рамноправност и интеграција.

Мицкоски истакна дека целта е секој граѓанин да го почувствува напредокот и да има доверба дека државата стои зад него.

– Ова не е само политичка обврска, туку морална должност кон идните генерации. Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност, ќе можеме да постигнеме резултати што ќе ја движат татковината напред – порача премиерот, честитајќи го Денот на албанската азбука.

Поврзани содржини