РАЗБИЕН НАРКО КАНАЛ ОД МАКЕДОНИЈА ДО ХРВАТСКА Уапсени тројца во Македонија, петмина во Хрватска
Меѓународното злосторничко здружение било составено од наши и хрватски државјани кои криумчареле хероин, при што секој припадник имал различна улога, а хероинот го продавале на подрачјето на Истра, Далмација и Загреб.
Во координирана полициска акција на четири локации во Тетово, Гостивар и Куманово денеска се уапсени се три лица кои биле дел од мрежа која криумчарела хероин во Хрватска. Оваа акција е реализирана по повеќемесечна паралелна криминалистичка истрага на хрватската полиција и соработка со тамошното обвинителство УСКОК од Риека.
– Меѓународното злосторничко здружение било составено од наши и хрватски државјани кои криумчареле хероин, при што секој припадник имал различна улога во набавка, продажба, чување, транспортирање и посредување во купопродажби на хероин на подрачјето на Истра, Далмација и Загреб, и на тој начин на подрачјето на Хрватска извршиле продажба на 4,2 килограми хероин – соопшти МВР.
Пред пет дена во заедничка акција на хрватската и македонската полиција на подрачјето на Хрватска биле запленети 3,9 килограми хероин, при претрес на дом во Загреб. Биле лишени од слобода пет лица, и тоа еден македонски државјанин Б.Џ.(43) од тетовското село Синичане и четворица хрватски државјани на возраст од 42, 47, 49 и 66 години. Групата, се наведува во соопштението, неовластено пуштала во промет хероин на илегалниот пазар за дрога во областа на Далмација од септември минатата година, а дрогата преку разни канали била пренесувана од Македонија до Хрватска.
„Во денешната акција, извршен е претрес во домот на Б.Џ. од Синичане, кој е веќе уапсен на територијата на Хрватска, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај А.М.(50) од с. Опае, кумановско, пронајден е еден пиштол, 50 куршуми, поголема количина кокаин, пакувања со марихуана, електронски уред за мешање на дрога, парични средства во денари и евра, повеќе потврди за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај С.И.(74) од Гостивар пронајден е еден пиштол „ТТ” кал. 7,62 милиметри со 168 куршуми кал. 7,62 милиметри и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај Е.Н.(63) од с. Синичане пронајдена е документација за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело“ – информира МВР.
Против тројцата уапсени ќе бидат покренати соодветни кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.