РАЗБИЕН БАЛКАНСКИ КАРТЕЛ Запленети имоти од 5 милиони евра и тони кокаин, уапсени тројца во Германија
Тројца уапсени во Германија, а во повеќе земји запленет имот од над 5 милиони евра.
Тројца осомничени се уапсени денеска во Германија, а имот вреден повеќе од пет милиони евра е запленет во големата координирана полициска акција против т.н. Балкански картел, соопшти Европол.
Акцијата се спровела истовремено во Австрија, БиХ, Хрватска, Германија и Србија, по неколкумесечна заедничка истрага на европските полициски служби.
Од Европол велат дека истражителите успеале да пресечат криминална ќелија која имала клучна улога во транспортот на кокаин кон Европа.
„Групата е одговорна за повеќе пратки на кокаин со тежина од неколку тони, со потекло од Колумбија“, соопштија од Европол, додавајќи дека картелот користел „различни прикриени методи“ за пренос на дрогата до европските пристаништа.
Истата група, според истрагата, се занимавала и со перење пари. Осомничените користеле компании во неколку земји со цел да легализираат големи суми од криминално потекло.
„Перењето пари се изведувало преку компании и инвестиции во недвижности и во земји-членки и надвор од Европската Унија“, потврди Европол.
Заплената на имот вреден над пет милиони евра се смета за тежок удар врз финансиската структура на ќелијата, а истрагата продолжува со цел да се утврди дали има поврзаност со други криминални групи од регионот.