Ратко Младиќ во Хаг: Судбината ме натера да ја бранам мојата држава СФРЈ
Правосилната пресуда ќе биде донесена во првата половина од следната година.
Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, неправосилно осуден за геноцид и злосторства во БиХ, изјави денеска пред судот во Хаг дека работел чесно и легално како офицер и дека обвинението против него „паднало во вода“.
– Дали е во право претходниот Совет што ме осуди на доживотен затвор? Тие не се во право. Зошто? Тие се во судир на интереси, тие не ја бранеа вистината, туку Холандија и холандскиот баталјон – рече Младиќ, алудирајќи на Сребреница, на крајот на дводневното рочиште за жалбата што ја поднесе против првостепената пресуда.
Тој рече дека Сребреница е „клучот за овој судски процес“, опишувајќи како, по падот на енклавата во јули 1995 година, муслимански војник пукал кон него и „промашил“. Како што рече, тој не возвратил, ниту дозволил обезбедувањето да го стори тоа, затоа што војникот имал елек на УНПРОФОР.
– Судбината ме донесе да ја бранам мојата држава СФРЈ, која вие западните сили ја расипавте, со помош на Ватикан и таа мафија од Германија – рече Младиќ.
Со повишен глас, тој истакна дека „Ратко Младиќ не ја започна војната, и тој не направи план за напад на Југославија“.
На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го осуди генералот Младиќ на доживотен затвор за геноцид во Сребреница; прогонство на Хрватите и муслиманите ширум БиХ; тероризирање на населението на Сараево со долготрајно гранатирање и снајперисти и земање за заложници на членови на УНПРОФОР, 1992-95 година. На пресудата жалба вложи и одбраната и обвинителството, кое побара Младиќ да биде осуден за геноцид во уште пет оптшини во БиХ.
Правосилната пресуда ќе биде донесена во првата половина од следната година.