РАСТОТ НА ПЛАТИТЕ ЌЕ БИДЕ ПОВРЗАН СО РАСТ НА ПРОДУКТИВНОСТА НА РАБОТНИЦИТЕ Мицкоски најавува и непопуларни мерки за да се заузда инфлацијата

Зголемувањето на личните доходи ќе биде поврзано со зголемување на продуктивноста. Да, тоа може да има за нас политички последици, ќе има незадоволни, но, подобро е тие последици ние да ги имаме сега, отколку на долг рок граѓаните да чувствуваат неконтролирана инфлација, рече Мицкоски.

841

Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да го подобриме стандардот, не е лесно, тешко е, такви се времињата, но ќе се бориме да им олесниме на нашите сограѓани, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со инфлацијата и мерките кои ги презема Владата.

Тој рече дека инфлацијата за јули во Македонија е на исто ниво како во земјите во регионот, од Словенија, Унгарија до Грција, од 4 до 5 отсто.






– И по последните состаноци со експертите на оваа тема заклучокот е во насока дека главен поттикнувач на инфлацијата се услугите. Анализиравме, во одредени сектори цените на услогите се зголемени за повеќе 20 проценти. Како Влада тука немаме маневарски простор да интервенираме. Ќе го правиме тоа што можеме, како сега, пред почетокот на учебната година, со ограничување на маржите за прибор и помагала за учениците, при што репер се цените од 1 јуни. Целта е да биде подносливо за семејниот буџет. Но, анализата покажува дека ад хок ограничувањето на маржите се прелева во месеците кои следат. Има и дилема, ако поставиме ограничување во континуитет цела година, тогаш дали имаме пазарна еконија, дали општеството се темели на пазарната и слободната економија – рече Мицкоски.

Но, додаде тој, тоа не значи дека ќе се толерира дивеење од страна на одредени синџири маркети кои, како што рече, со скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите.

– Комисијата за заштита на конкурентноста сериозно се занимава со ова. Ја зајакнавме кадровски и комисијата наскоро ќе излезе на терен. Овие скриени „маркетинг“ услуги кои дел од снабдувачите, призводителите и трговците ги поставуваат во маркетите за нивниот производ да стои на подобро место, ќе бидат жестоко санкционирани – рече Мицкоски.

Втор начин за намалување на инфлацијата, додаде премиерот, е да се направи обид за интервенција на цените за услугите.

– Ќе се обидеме. Не можеме да ги ограничиме рестораните, кафулињата или транспортните компании со цените на нивните услуги, сè додека некој е подготвен да ги плати тие услуги, за жал, тие ќе се качуваат. И тука ќе има мерки – рече премиерот.

Во врска со растот на платите, Мицкоски најави дека тој ќе биде поврзан со растот на продуктивноста.

– За примањата, резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во насока на зголемување на продуктивноста. Поврзување на продуктивноста со зголемување на личните доходи. Да, тоа може да има за нас политички последици, ќе има незадоволни, но, подобро е тие последици ние да ги имаме сега, отколку на долг рок граѓаните да чувствуваат, би рекол, неконтролирана инфлација – рече Мицкоски.

Според него, ова е поефикасен пристап кој ќе даде големи резултати на среден рок.

Поврзани содржини