Изминативе три дена е зголемен процентот на позитивни случаи на ковид-19 од вкупниот број на направени тестови, a во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.076. Според министерот за здравство Венко Филипче имавме тренд на опаѓање од 10 проценти, стигнавме донекаде 6,5, а сега е околу осум.
Министерот вчера информира дека деновиве се прават анализи за зголемениот процент на позитивни случаи што ќе продолжи и викендов. Таа анализа, според него, ќе заврши најверојатно во понеделник или во следните први денови од неделата и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.
Во претходното деноноќие беа регистрирани 140 нови случаи. Најмногу во Скопје 47, по што следуваат Куманово со 18 и Тетово со 15. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.
Во Прилеп има седум нови случаи, во Кочани-пет, Гевгелија, Струмица и Радовиш по четири, Штип, Струга, Велес, Битола, Гостивар, Берово и Свети Николе по три, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Делчево, Кичево и Ресен по двајца, и во Охрид, Крушево и Македонски Брод по еден случај.
Институтот за јавно здравје вчера регистрира 60 оздравени пациенти од кои во Скопје-25, Куманово-девет, Кочани-шест, Штип, Струга, Пехчево по три, Прилеп, Охрид, Кавадарци и Кичево по двајца, Крива Паланка, Берово и Делчево по еден оздравен пациент.
Починаа шест лица – тројца пациенти се од Скопје на 84, 73 и 74 години, двајца од Тетово на 68 и 55 години и еден пациент од Струга на 62-годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.