РАСТЕ БРОЈОТ НА НОВОЗАБОЛЕНИ Филипче вели нема притисок врз болниците
Ваквиот раст може да се каже дека е очекуван гледајќи што се случува во регионот каде што има огромен број на новозаболени, вели Филипче.
Епидемиолошката состојба бележи зголемување на бројот на заболени со ковид-19 во последните две недели и е зголемен за некаде околу 25 проценти. Расте и факторот на преносливост од близу 1,05 на 1,14 што ќе значи промена на релативно стабилната состојба со епидемиолошката ситуација што ја имавме во претходниот прилично долг временски период – рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Во однос на инциденцата на ниво на целата држава, Филипче вели според анализата на ИЈЗ во последните две недели е зголемена за 28,5 проценти во вкупно 35 градови, а во други седум е практично непроменета или има одредено намалување.
– Ваквиот раст може да се каже дека е очекуван гледајќи што се случува во регионот каде што има огромен број на новозаболени. Има и силен удар врз болниците, поради зголемената потреба за хоспитализација на пациентите таму. Во однос на примените пациенти во болниците кај нас исто така бележи раст за некаде 15 проценти. Сега се хоспитализирани 518 лица, што е раст од претходниот период кога имавме околу 460 пациенти во болниците и добро е што нема голем притисок кога станува збор за прегледите – информираше министерот.
Тој потенцираше до крајот на оваа недела или на почетокот на следната ќе биде завршен процесот за секвенционирање на вирусот за да биде познато за точно каков причинител, односно каква мутација е сега доминантна кај нас.
Во однос на вакцинацијата во земјава се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини. Прва доза на вакцина примиле околу 810.000 граѓани, 8.000 се пријавиле дека се вакцинирани во странство, а ревакцинирани се над 780.000 лица, додека трета доза на вакцина примиле околу 46.000 граѓани, како и околу 5.000 деца на возраст од 12 до 18 години.