РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА ОД 2,1% И ИНФЛАЦИЈА ОД 9% ЗА ГОДИНАВА Народна банка ги соопшти очекувањата за оваа и следните години

На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3%, близу до историскиот просек.

38

Годинава македонската економија ќе забележи раст од 2,1%, а просечна инфлација ќе се движи од 8 до 9%, предвидува Народна банка во најновата прогноза.

За 2024 и 2025 година, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6%  за наредната година и 4% во 2025 година.






Според последните проекции, макроекономската слика не е значително променета во споредба со претходните оцени.

„И понатаму се очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата, при оцени за исцрпување на надворешните шокови и позатегнати финансиски услови. Во надворешниот сектор, притисоците врз дефицитот во тековната сметка се помали, поради пониските цени на примарните производи во моментов, но и очекувањата на меѓународните финансиски институции за нивно натамошно намалување за следниот период. Девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона. Ризиците околу проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното окружување“, наведуваат од Народна банка.

– Во однос на економскиот раст, при незначителни промени во претпоставките за домашното и надворешното окружување и земајќи ги предвид најновите достапни информации околу најавените инфраструктурни проекти, проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1%, што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција. За 2024 и 2025 година, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6% и 4%, соодветно, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери. Во поглед на структурата на растот во периодот 2023 ‒ 2024 година, се очекува дека растот и во тековните проекции ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има мал негативен придонес – информира гувернерката на Народна банка анета ангеловска Бежовска.

Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9% во 2023 година.

На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3%, близу до историскиот просек.

„Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат“, наведува Банката.

 

Поврзани содржини