РАСПИШАН НОВ МЕЃУНАРОДЕН ТЕНДЕР ЗА ЕНЕРГЕТСКО ПОВРЗУВАЊЕ СО АЛБАНИЈА Проектот ќе чини 17 милиони евра
Проектот предвидува изградба на 100 километри надземен далекувод од тафостаницата Битола 2 до албанската граница. 45 дена е рокот за понуди, а изборот на понудувач до крајот на годината, а реализацијата ќе почне од почетокот на следната година
Распишан е нов меѓународен тендер за 400 киловолтно поврзување со Албанија кое беше запрено поради еднострано откажување на изведувачот на работите, информира денеска директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
-Изградбата на ова поврзување ќе го позиционира нашиот електроенергетски систем со европскиот, овозможувајќи пристап до стабилни балансни услови. Земјава ќе стане енергетски јазол на Европа. Проектот е важен и за енергетската стабилност на земјата и отпорноста на преносната мрежа со минимизиран ризик од ценовни шокови и можност за зголемување на приклучната моќ на нови енергетски капацитети во системот – рече Љатифи.
Тој појасни дека по раскинувањето на договорот со изведувачот и анализата на проектот, МЕПСО заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) изработија нов модел на изградба на енергетското поврзување со Албанија.
-Проектот предвидува изградба на 100 километри надземен далекувод од тафостаницата Битола 2 до албанската граница. Рокот за понуди е 45 дена, а изборот на понудувач до крајот на годината, а реализацијата ќе почне од почетокот на следната година –рече Љатифи.
Тој рече и дека изградбата на ова енергетско поврзување со Албанија ќе чини 17 милиони евра и ќе биде финансиран од заем и грантови преку ЕБОР и европските фондови.
-Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест од кои околу 2 милиони евра се вратени преку банкарските гаранции. Средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50% од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и Електро факултет кои тоа го потврдија- рече Љатифи.
Ангажирани беа, како што реше, и дополнителни стручни лица, консултанти и адвокати за да се дојде до одлуката за прекинување на соработката и распишување на нов тендер.