РАСПАД НА НАТО И НА ГЛОБАЛНИОТ ПОРЕДОК, АКО САД ГО НАПАДНЕ ГРЕНЛАНД Итни состаноци во ЕУ, обиди за блокада на новите царини, силни предупредувања од Алијансата

Поранешниот генерален секретар на НАТО и експремиер на Данска, Андерс Фог Расмусен, предупреди дека евентуалното насилно преземање на Гренланд од страна на САД би претставувало „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, а командантот на холандските вооружени сили, Оно Ајхелсхајм, предупреди дека ескалацијата на тензиите меѓу САД и Европа околу Гренланд може да доведе до распад на НАТО алијансата.

64

Ескалираат тензиите меѓу САД и ЕУ по новите царини на американскиот претседател Доналд Трамп кон европските земји што испратија војници на Гренланд, а сè погласни се предупредувањата дека воениот сојуз НАТО може да се распадне и да се наруши светскиот поредок ако се случи американска инвазија на островот што ѝ припаѓа на Данска.

Командантот на холандските вооружени сили, Оно Ајхелсхајм, предупреди дека ескалацијата на тензиите меѓу САД и Европа околу Гренланд може да доведе до распад на НАТО алијансата. Ајхелсхајм вели дека таков развој на настаните би бил директно од корист за рускиот претседател Владимир Путин и дека другите земји би можеле да добијат впечаток дека НАТО слабее.






– Ова е најлошото можно сценарио – оцени тој.

Поранешниот генерален секретар на НАТО и експремиер на Данска, Андерс Фог Расмусен, предупреди дека евентуалното насилно преземање на Гренланд од страна на САД би претставувало „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“.

Во изјава за Фајненшл тајмс, Расмусен оцени дека реториката на американскиот претседател Трамп за Гренланд е загрижувачка и ја спореди со јазикот што го користат, како што рече, „гангстери во Русија и Кина“, држави кои, според него, САД треба да се обидуваат да ги контролираат, а не да им наликуваат.

– За мене ова е болен процес. Од детството ги гледав Соединетите Држави како природен лидер на слободниот свет. Дури зборував и за САД како за светски полицаец – изјави Расмусен, потсетувајќи дека токму тој, како дански премиер, испраќал војници да се борат рамо до рамо со Американците во Авганистан.

Тој, исто така, додаде дека тензиите и поделбите во рамките на Западот директно ѝ одат во прилог на Русија.

– Сигурен сум дека Москва се надева дека Гренланд ќе стане санта мраз што ќе го потопи НАТО – истакна Расмусен.

Нагласи дека прашањето далеку ги надминува рамките на Данска и на Гренланд.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека евентуална американска инвазија врз Гренланд „би го направила Путин најсреќниот човек на земјата“.

– Американска воена акција против огромниот арктички остров во Данска би му наштетила на НАТО и би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што би го легитимирала неговиот обид да ја нападне Украина. Ако САД употребат сила, тоа би била смртна казна за НАТО. Путин би бил двојно среќен – вели Санчез.

Денеска во Брисел е закажан итен состанок на амбасадорите на ЕУ, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини за стоки од осум европски земји поради ситуацијата околу Гренланд. Состанокот го организира Кипар, актуелен претседавач со ЕУ. На таквите состаноци амбасадорите обично подготвуваат практични мерки за дискусија на следните министерски состаноци на Советот на ЕУ.

Трамп најави царини од 10 проценти од февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, кои подоцна ќе бидат зголемени на 25 проценти и ќе останат на сила додека САД не постигнат договор за купување на Гренланд.

Во САД, пак, лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, сака да ги блокира царините на Трамп врз европските сојузници.

– Неверојатно е што сака да ја зголеми глупоста со воведување тарифи на нашите најблиски сојузници за неговата донкихотовска мисија да го преземе Гренланд. Непромислените царини на Доналд Трамп веќе ги зголемија цените и ја оштетија нашата економија, а сега само ги влошува работите – наведе Шумер во соопштение.

Демократите во Сенатот ќе воведат закон за блокирање на тие тарифи пред тие да предизвикаат дополнителна штета на американската економија и нашите сојузници во Европа, доаде тој.

Синоќа ЕУ изрази целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд.

– Царините би ги поткопале трансатлантските односи и би ризикувале опасна негативна спирала, но Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет. Дијалогот останува од суштинско значење и ние сме посветени на градење на процесот што почна минатата недела помеѓу Кралството Данска и САД – порачаа синоќа првите луѓе на Европскиот совет и на Европската комисија, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен во заедничка реакција на најавата на Трамп за новте царини.

Во неа се посочува дека територијалниот интегритет и суверенитет се фундаментални принципи на меѓународното право и тие се од суштинско значење за Европа и за меѓународната заедница во целина.

– Постојано го нагласуваме нашиот заеднички трансатлантски интерес за мир и безбедност на Арктикот, вклучително и преку НАТО. Претходно координираната данска вежба, спроведена со сојузниците, одговара на потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот и не претставува закана за никого – се додава во изјавата.

ПРОПАЃА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР МЕЃУ ЕУ И САД Европратениците нема да го ратификуваат по најавите на Трамп за нови царини кон држави од ЕУ

Поврзани содржини