РАСКОЛ ВО СОЈУЗОТ НА СТОПАНСКИ КОМОРИ Ангелоски ги разреши потпретседателите Ѓорѓиевски и Костадинов
Актуелните превирања во ССК се продолжение на состојбата во која се најде Сојузот откако Комисијата за заштита на конкуренцијата му изрече прекршочна казна на Сојузот за картелско здружување и по јавните реакции на дел од потпретседателите.
Нови превирања во Сојузот на стопански комори (ССК), второто по големина стопанско здружение во земјава. До медиумите денеска стаса соопштение од ССК потпишано од претседателот Трајан Ангелоски во кое се наведува дека Управниот одбор на ССК разрешил двајца потпретседатели кои се исклучени и од членството на ССК.
Станува збор за Горан Ѓорѓиевски, кој е и претседател на Агро-бизнис комората, и Ромео Костадинов, кој е претседател на Комората на сметководители, финансиери и даночни советници.
Во соопштението не се наведува која е причината за ваквата одлука на Управниот обор на ССК.
Плусинфо се обиде да го праша Ангелоски за причините за исклучување на двајцата потпретседатели, но не доби никаков одговор од него.
Во изјава за Плусинфо исклучениот Горан Ѓорѓиевски вели дека соопштението е потпишано од нелегитимен претседател на Сојузот на стопански комори.
– Се одржа вонредно собрание на Сојузот на стопански комори на кое му беа одземени сите ингеренции на Трајан Ангелоски. Тоа можам сега да го изјавам – рече Ѓорѓиевски.
Актуелните превирања во ССК се продолжение на состојбата во која се најде Сојузот откако Комисијата за заштита на конкуренцијата му изрече прекршочна казна на Сојузот за картелско здружување и по јавните реакции на дел од потпретседателите.
Меѓусебните обвинувања за прекршување на Статутот на Сојузот резултираа со одржување на вонредно собрание на ССК на барање на 10 члена на Управниот одбор. Собранието се одржало на 9 јули, а на него, како што беше соопштено присуствувале голем број членки од 7 комори и од една групација. Со собранието раководела Сузана Јаневска извршна директорка на ССК, која претходно беше суспендирана од претседателот Ангелоски.
Главна одлука од тоа собрание била одземањето на ингеренциите на претседателот Трајан Ангелоски.
Тогаш беше соопштено дека Собранието констатирало „груби прекршувања на Статутот, изнесување на лични ставови, донесување на индивидуални одлуки штетни по угледот и репутацијата на ССК, груб упад во дата-базите и податоците на Сојузот и злоупотреба на социјалните медиуми од страна на претседателот Трајан Ангелоски и лица во неговото најблиско опкружување.
Во соопштението беше посочен и датум на ново вонредно Собрание на ССК (30.07.2025 година) на кое требаше да биде избран легитимен претседател, но досега нема информација дека вакво собрание се одржало.
Од друга страна Трајан Ангелоски сè уште е легитимен претставник на Сојузот на стопански комори и неговиот дел од Управниот одбор ги исклучува потпретседателите и членките на ССК кои учествувале на вонредното собрание, а вонредното собрание тој го окарактеризира за нелегитимно.
Сојузот на стопански комори има 7 потпретседатели. Сојузот го сочинуваат 35 стопански комори и повеќе од 30 групации, здруженија и асоцијации.