РАСЧИСТЕНИ СЕ ОКОЛНОСТИТЕ ЗА ТРОЈНОТО УБИСТВО ВО ПРИЛЕП Се слушнале истрели, се појавила објава на Фејсбук, сопругата пријавила
Според првичните информации и сознанија од очевидци кои ги има ОВР Прилеп во околу 15:30 -16:00 часот во непосредна близина на куќата на сега починатиот П.Ѓ. се слушаат истрели од огнено оружје, (најверојатно тоа бил моментот на убиството во кое П.Ѓ. ги застрелува внукот и неговиот малолетен син), се вели во соопштението на битолската полиција.
Сопругата на прилепчанец кој беше застрален заедно со неговиот син го пријавила случајот во полиција откако пробала телефонски да ги добие сопругот и синот кои претходно, кон 15 часот заминале во куќата на вујкото на покана на вујкото. Таа отишла до куќата, но вратата била затворена.
Ова се дел од новите детали кои ги соопшти битолската полиција за двојното убиство и самоубиство кое го потресе Прилеп.
Во соопштението на СВР Битола се вели дека се расчистени околностите за тројното убиство.
Откако не успеала да ги добие на телефон сопругот и синот, жената се упатила кон куќата каде што влезната врата била затворена и никој не се одзивал на нејзините довикувања. Пред куќата го забележала паркиран автомобилот на сопругот. Тогаш таа решила да го пријави случајот во СВР Прилеп.
„Истата, по одредено време во 21:20 часот го пријавува настанот во ОВР Прилеп каде пријавува дека истиот ден од домот се оддалечил нејзиниот сопруг заедно со нивниот малолетен син и посочува дека најверојатно се наоѓаат во домот на вујкото на нејзиниот сопруг“, се вели во соопштението.
Полицијата соопшти дека 62-годишниот вујко часови претходно, околу 15 часот, му се јавил на неговиот внук од сестра П.Ч.(43) од Прилеп, при што истиот го поканил да оди во неговиот дом во Прилеп, но инсистирал со себе да го поведе и неговиот малолетен 13 – годишен син, односно внук од сестра на П.Ѓ.
„Според првичните информации и сознанија од очевидци кои ги има ОВР Прилеп во околу 15:30 -16:00 часот во непосредна близина на куќата на сега починатиот П.Ѓ. се слушаат истрели од огнено оружје, (најверојатно тоа бил моментот на убиството во кое П.Ѓ. ги застрелува внукот и неговиот малолетен син) но, до тој момент нема никаква пријава во ОВР Прилеп за било какво пукање на подрачјето на Прилеп“, се вели во написот.
МВР даде детали и за акцијата која следела откако сопругата го пријавила случајот, негде кон 21:20 часот. Полицијата потврди дека напаѓачот, 62-годишниот вујко, пукал кон службениците, но и дека фрлил бомба која почнала да чади, но не ескплодирала.
„Веднаш полициски службеници се упатуваат кон куќата на улицата Стеван Апостолоски во Прилеп и по пристигнувањето на наведената адреса да извршат проверка по пријавата, во домот на П.Ѓ. никој не ја отворил вратата. Веднаш било стапено во контакт со јавен обвинител, по што била издадена наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила да ја отворат вратата. Кога влегле во куќата П.Ѓ. фрлил бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, од страна на П.Ѓ. било пукано кон нив, при што полициските службеници возвратиле со пукање од службено оружје кон куќата и известиле по радио врска дека во 22:40 часот према нив пукано е од огнено оружје на улицата Стеван Апостолоски, за да по кратко време П.Ѓ. со огнено оружје се самоубил. На местото на настанот пристигнала екипа на Итна медицинска помош Прилеп каде од страна на доктор била констатирана смрт како последица од огнено оружје кај П.Ч, П.Ѓ. и 13-годишен малолетник“.
МВР даде и детали за пронајденото оружје и муниција. Пред влезната врата во куќата биле пронајдени чаури од огнено оружје и траги од проектили.
„Во ходникот на подот пронајдена била и една рачна бомба М93. Исто така на влезот од собата пронајден бил пиштол калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм , документи, парични средства како и договори за имот и останати документи“.
Министерството ги потврди и написите дека напаѓачот го најавил мотивот на убиството со објава на Фејсбук. Според МВР, се препоставува дека статусот бил објавен откако вујкото ги убил својот внук и 13-годишниот правнук, односно кон 17:10 часот.
Претходно, во соопштение, Основното јавно обвинителство потврди дека профилот на социјалната мрежа Фејсбук, за кој претходно беше пишувано, му припаѓал на убиецот.