Рас, два, три – цело семејство ќе вежба онлајн физичко, ќе биде забавно и корисно!
Онлајн часовите е предвидено да траат 35 минути, три пати во неделата, при што воспитувачите дали преку интерна комуникација со децата, дали со снимени материјали, ќе ги одржуваат поставените наставни единици.
Одложениот старт на новата учебна година, поради пандемијата со ковид-19, се очекува да започне за нешто повеќе од две недели, а освен за најмалите, за повеќето ученици наставата ќе се одвива онлајн.
Иако сѐ уште не е познато како точно ќе се одвива онлајн наставата, особено за некои предмети, како што е физичкото воспитување, Плусинфо побара одговор од деканката на Факултетот за физичка култура, проф. д-р Ленче Алексовска Величковска.
– Ние како факултет, веќе подолго време имаме одлична соработка со Министерството и со Бирото за развој на образование, и може да се каже дека нашите професори се подготвени на новиот предизвик. До Бирото беа доставени наставни единици, како би течеле часовите по физичко, дали онлајн, дали со присуство, па сега треба одделот за физичко образование да ја одобри наставната програма и таа да биде доставена од директорите на училиштата – рече Алексовска Величковска.
Деканката вели дека доколку биде конечно одлучено наставата да се одвива онлајн, во нивната програма се подготвени наставни единици според возраста на учениците, а се состојат од аеробни вежби, координација, флексибилност, правилно движење на телото за физички развој и психомоторен развој на децата, како и за емоциналниот и социјалниот развој и смета дека ова ќе биде интересен период за физичкото образование.
– Онлајн часовите е предвидено да траат 35 минути, три пати во неделата, при што воспитувачите дали преку интерна комуникација со децата, дали со снимени материјали, ќе ги одржуваат поставените наставни единици. На децата ќе им бидат давани задачи кои ќе треба да ги извршат, но не само во домот, туку и надвор од него, па со тоа очекуваме дека интеракцијата ќе биде позабавна за сите, како за децата, така и за нивните родители, а со тоа ќе се покрене спортската култура во земјата на повисоко ниво – вели Алексовска Величковска.
Таа додава дека овој начин на работа покажал добри резултати затоа што за време на карантинот, онлајн настава имале студентите од УКИМ, па покрај нив, вежбало и целото семејство и сите биле задоволни.
Деканката објасни дека доколку во некои училишта наставата се одржува со физичко присуство е одлучено часовите да се одржуваат според протоколите за работа на клубовите за време на пандемијата, со избегнување на физички контакт меѓу учениците, одржување на хигиената и сѐ друго што е предвидено со нив.
Професорката ја потенцира придобивката „тандем-настава“, од прво до петто, воведена во 2019-та, која во регионот ја има само во Словенија, концепт кој се однесува на здравјето на младите генерации и поразителните факти кои говорат дека секое трето дете е со зголемена телесна тежина, но и со физички деформитети.
– За оваа програма беа одржани бројни семинари, па професорите имаат одговорност за развој на децата и нивата активност, педагошко-психолошкиот развој, а со ова сакаме од осново, преку средно да одиме кон нов здрав животен стил, а тоа ќе значи и поздрава нација – заврши Алексовска Величковска.