РАПИДЕН РАСТ НА РЕИНФЕКЦИИТЕ 54 граѓани повторно се заразиле за една недела
54 лица кои веќе биле позитивни на ковид повторно се заразиле со вирусот, а 351 граѓанин повторно бил заразен од почетокот на пандемијата. Дури 83 отсто од позитивните на ковид не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89 отство, додека само 11 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведуваат од МЗ.
Рапидно пораснале реинфекциите со ковид-19 во земјата, и тоа само за една седмица, во периодот од 15 август до 22 август, информира Министерството за здравство.
Според анализите на Институтот за јавно здравје за неделната епидемиолошка состојба во државата, во период од една седмица детектирани се 54 лица кои веќе биле позитивни на ковид-19, а сега повторно се заразиле со вирусот, известуваат од Министерството за здравство (МЗ).
– Ако се анализира состојбата од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август 2021 година, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот. Укажуваме на важноста од вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на Сарс-Ков-2 – велат од Министерството за здравство.
Во периодот од 06.08 до 26.08.2021 годинава, дури 17.020 граѓани од тестираните за ковид-19 во државата биле позитивни. Од нив, 2924 лица или 17 отсто биле целосно вакцинирани, покажува најновата анализа на Министерството.
Според МЗ, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид, а рапиден е и растот на реинфекциите со ковид.
– Изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83 отсто од позитивните на ковид не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89, додека само 11 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани – наведува МЗ.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со ковид. Дури 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30, што значи 10 отсто од нив, примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
– Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна„ и „Џонсон&Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство – наведува МЗ.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози, ако притоа се поминати најмалку 14 дена од примањето на втората доза.