РАНЕТ КОСОВСКИ ПОЛИЦАЕЦ ВО ЗВЕЧАНЕ Напаѓачите пукале од автомобил
Според соопштението на косовското МВР, полициската патрола била нападната од лица вооружени со долги пушки од возило „ауди" со регистерски таблички КМ – Косовска Митровица.
Припадник на косовската полиција е ранет во синоќешниот вооружен напад врз полициска патрола во селото Србовац, во општина Звечане, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на косовското МВР, полициската патрола била нападната од лица вооружени со долги пушки од возило „ауди” со регистерски таблички КМ – Косовска Митровица, со какви што се опремуваат од Србија возилата на косовските Срби во областите во северно Косово населени со мнозинско српско население.
Претходните денови имаше неколку инциденти, во кои беа употребени рачни гранати и шок-бомби, во општините во северно Косово, населени со мнозинско српско население. Цел на нападите беа општинските изборни комисии, кои ги започнаа подготовките за вонредните избори во тој регион, откако пред еден месец тамошните Срби ги напуштија локалните и државните институции поради намерата на Приштина да ги казнува оние кои не ги замениле нелегалните српски со косовски регистрерски таблички.
Косовскиот премиер, Албин Курти по завчерашните напади најави зголемено присуство на полицијата во северно Косово и го обвини претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека ги диригира криминалните групи во таа област со цел да ја дестабилизира ситуацијата во Косово.