РАМКАТА ЗА ДОГОВОРОТ СО САД Е ПОРАКА ДЕКА МАКЕДОНИЈА ИМ Е НАЈСИЛЕН ПАРТНЕР ВО РЕГИОНОТ Мицкоски вели дека имаме тарифи какви што имаат ЕУ и Обединетото Кралство
Пораката од високиот трговски претставник на САД, Џејмисон Грир, покажува кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања што ќе значи за македонската трговија потенцијалниот договор со САД за намалување на царините.
– Овој договор којшто потенцијално ќе го потпишеме со САД, во рамките на параметрите коишто се содржани во заедничката изјава, ќе овозможи македонските компании, односно производите од Македонија, помеѓу 62 и 64, отприлика царински броеви, да се најдат на американскиот пазар со повластени тарифи од 0 до 6,5% – рече Мицкоски.
Во 2025 година, билатералната трговска размена надминала половина милијарда долари. Премиерот смета дека ближиме докај 600 милиони долари во којшто имаме благ суфицит. Македонија има повеќе извоз, отколку увоз во САД.
– И очекувам преку овој договор, билатералната соработка и трговија да се зголеми. Но повторно ќе кажам, самиот договор по себе е единствен надвор од Европската Унија со тарифи исти какви што имаат Европската Унија и Обединетото Кралство. Но пораката е силна. Високиот трговски претставник на САД, кој што е на ниво на секретар, господинот Грир, испрати порака кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија. Значи многу и за инвеститорите и за економската состојба во државата – рече Мицкоски.
Тој се осврна и на Договорот за стратешко пријателство со Велика Британија, кој е постигнат во рамки на нецели 20 месеци на оваа Влада.
– Повторно од опозицијата настапуваа со лажни тези, дека ќе сме примале мигранти за пари и тоа траеше со месеци. Еве излезе амбасадорот на Обединетото Кралство, даде интервју, ги демантираше. Нема поголем демант од тоа. Но, Договорот за стратешко пријателство не е само договор, туку и порака. А ние можеме да ги видиме ефектите на таа порака и во нашата економија, па дури ако сакате и во условите со кои се издаде еврообврзницата, затоа што тоа е силна порака. Тоа е еден стратешки документ – рече Мицкоски.
Друг документ за кој зборуваше премиерот е документот со којшто Македонија прва во регионот има заедничка усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија.
– Третата важна дипломатска работа којашто нас нѐ стави во друштвото на функционални демократии, зрели демократии каде што владее правото, каде што се почитуваат човековите права е стопирањето на пост мониторинг мисијата на Советот на Европа. И ние сме единствената земја во регионот. Сите коишто се дел од Западен Балкан и групата или се во мониторинг или се во пост мониторинг – додаде Мицкоски.