Рамката ли ни наложува да се цензурира Гоце Делчев и да се негира фашизмот?

Кога ја слушнав цензурираната верзија на песната „Во борба, македонски народе“, се почувствував окупиран од таа агресија и од таа дрскост на цензорот. Да дојдеше во тој миг некој да ме спроведе во участокот, за да ме фрлат од вториот кат на плочникот, ќе го доживеав тоа како нормален след на нештата. Како судбина...

5,064

Во првите три од десетте дена на Крушевската Република, освен што ги проследив свеченото отворање на манифестацијата и говоранциите на Илинден, се изначитав и мудролии на Фејсбук за тоа што е патриотизам, што национализам, а што космополитизам.

Штом дојде некој наш национален празник, ете ги истите теории, морализирања и упатства за дозирање на патриотските чувства на Македонците во некакви „разумни“ дози, коишто нема да нѐ одлепат од траекторијата на нашето космополитско геостратешко движење кон светлата иднина.






Има, се разбира, (не)луѓе на кои таа расправа воопшто не им е битна. На пример, таков е Бранко Тричковски, од првата борбена линија… Тој празникот ни го честиташе со една колумна на Фејсбук, во која уште во насловот се пофали дека сакал да фрли „коска за празнична нервоза“. За првата перјаница на пропагандата на СДСМ, „бугарската окупација е гинеколошка клиника во која е родена Македонија“. Тој вели дека би му однел на (Румен) Радев „благодарница, вино и охридска пастрмка“, бидејќи, како што вели Тричката, „бугарското присуство, или како што ние го викаме, окупација, е дел од материјалот од кој хероите на антифашистичката народноослободителна војна ја изградија македонската држава и македонската нација“.

И? Се изнервира некој? Му кажа ли некој – па однеси му на Радев благодарница, бе Тричко, напупи му се, прв пат ли ќе ти биде?

Не знам, не ми е познато…

Знам само дека небулозите на Тричковиот антимакедонизам им се допаднале на седумдесеттина души, меѓу кои, еве, да ги спомнам … добро, ај овој пат нема да спомнувам никого од лајкачите, но следниот пат сигурно ќе ги попишам со име и презиме, за да си се гордеат заедно.

Она што мене навистина ме изнервира беа „лекциите“ за добриот патриотизам и за лошиот национализам. Нема сериозно да навлегувам и во таа дебата. Барем не на теоретско рамниште, на кое на морализаторите им недостасуваат и поткованост и дистанца од сопствената нетрпеливост кон сѐ што го сметаат за македонски национализам и шовинизам. Македонски, нормално, друг не можат да видат…

Само ќе поставам неколку едноставни прашања.

Дали е национализам, на пример, ако забележам дека некој од песната „Во борба, македонски народе“, изведена на манифестацијата во Крушевио, ги отстранил стиховите во кои се вели дека над главите на партизаните знамето на Гоце се вее, а во полињата фашистичка крв се лее?

Дали е говор на омраза ако таа постапка ја наречам идиотска?

Дали смеам да укажам дека ова е безочна цензура на уметничко дело и дека вистинските уметници не смеат да пеат цензурирани песни?

Дали сум во право ако утврдам дека не е патриотски од оваа прекрасна песна, која говори за борбата на македонскиот народ во Втората светска војна, од политички причини да се отстранат и Гоце Делчев (еднаш, во една пригода, веќе беше отстранет од македонската химна) и крвта на фашистите, особено што тие, барем во оваа прилика, не се именувани како бугарски?

Или, ајде прашањата да ги поставиме поинаку.

Дали е ова во согласност со Преговарачката рамка и со протоколите? Ова, да се бришат Гоце Делчев и историската вистина дека овој народ бил под фашистичка чизма?

Дали вака се шират добрососедството и европските вредности?

Дали е европска вредност да се негира фашизмот во Втората светска војна?

Дали е тоа тој патриотизам што не е национализам?

Дали е патриотизам на Радев да му се испрати „благодарница, вино и охридска пастрмка“, а национализам да му се врачи протестна нота, поради дивеењето на навивачите на фудбалскиот натпревар во Софија меѓу ЦСК и Македонија Ѓорче Петров, на пример?

Видете… Сосема е можно е да не се разбереме за овие прашања. Полека се убедувам дека тоа е веќе неизбежно.

Сосема е можно дел од вас да се приклонат кон мислењето дека врвна патриотска цел на Македонија денес е да се уништат националистичката ВМРО-ДПМНЕ, радикалната Левица и лажните патриоти и потоа да се воспостави целосно политичко единство со проектот за истиснување на националниот супстрат на македонската држава, што ни се продава како европски и космополитски потфат.

Во таков случај, другарки и другари, дами и господо, ќе си останеме со различни мислења.

А борбата меѓу нашите мислења од ден на ден ќе станува сѐ пожестока и пожестока и не е исклучено да прерасне и во борба меѓу нас самите, бидејќи вербалната агресија и здивената омраза кон секоја помисла за македонскоста на Македонија опасно се засилуваат.

Да бидам искрен, кога ја слушнав цензурираната верзија на песната „Во борба, македонски народе“, се почувствував окупиран од таа агресија и од таа дрскост на цензорот. Да дојдеше во тој миг некој да ме спроведе во участокот за да ме фрлат од вториот кат на плочникот, ќе го доживеев тоа како нормален след на нештата. Како судбина…

Кај сме кинисале, ќе дојдеме и до таму…

Поврзани содржини