РАМБО АМАДЕУС ПРИЗНА, НО ОДБИ ДА СЕ ИЗВИНИ „Не ѝ се извинувам на манипулативна и злобна личност“
Знам дека сега медиумите ќе ме закопаат што не го прифатив доминантното социјално лицемерие и што јавно се извинив. Не можам. Мразам да се извинувам на личност која мислам дека е манипулативна, девијантна и злобна, пишува Амадеус објаснувајќи го целиот инцидент од негов агол.
Црногорскиот музичар Рамбо Амадуес призна дека ја допирал водителката на „Дневница“, Лејла Кашиќ, за што му беше суспендиран ангажманот со УНИЦЕФ. Тој одговори на нејзините обвинувања, но одби да се извини, бидејќи како што вели „мрази да се извинува на личност за која мисли дека е манипулативна“. Истовремено, тој рече дека денешната култура на цензурирање е како ловот на вештерки во средниот век.
Во подолг пост на Фејсбук Амадеус објасни што се случило, пренесува Н1.
„Додека се приближувавме до куќата на социјално загрозено семејство, јас ја пипкав или плескав по задникот или ја штипнав дотичната госпоѓа, сега појма немам. Тоа нема врска со секс, барем не од моја страна. Сакав некако да ја известам дека не ми остана ништо, дека ме ставила во понижувачка положба. Некој последен обид да се откаже од грубиот упад во приватноста на едно семејство. Несреќно артикулиран квази-другарски аларм. Сексистички можеби, но сексуално не.
Никој не го виде тоа, не се бунеше ни таа, можев да демантирам, но мразам да се фолирам. Јас не сум таков лик. Така што, ја плеснав, допрев или штипнав (прашање за форензичко толкување) во траење од една секунда. Верувам дека постојат сателитски снимки кои можат да го потврдат тоа, денес секој сантиметар од планетата и онака е снимен“, напиша тој.
Тој исто така вели дека „цел ден бил мрзлив и саркастичен“ поради фактот што „набрзина влегол во нешто што нема врска со неговата сензибилност и убедување“.
„Првенствено поради моето противење јавно да се снима семејство на кое му се помага и со тоа да се жигосува во јавноста. Тоа ми изгледаше страшно сурово, не можев да сфатам дека некому му е „кул“ и дека мислат дека прават добро дело. Површно ги проверував преносите, не ни забележав дека семејството на кое му се помага е изложено на медиумите. Гласно протестирав пред камерата, но бидејќи целата локална заедница веќе со нетрпение очекуваше да учествувам на тој хуманитарен настан, ме ставија пред свршен чин“, пишува Рамбо Амадеус.
Понатаму пишува дека му пречело што „продуцентката(Лејла Кашиќ) му ја коригирала секоја реченица“.
„Тоа мораше да се издржи. Потоа поради бесрамното флертување, надмоќното, кое ми ги газеше нервите цел ден. Поради лажно морализирање и инсистирање каква е оваа работа, дека не знам колку е хумана, но всушност социјално ранливите се изложени на медиумите заради нејзината лична промоција. Поради тоа што генерален спонзор на шоуто е компанија која поседува обложувалници, а знаеме дека тоа во моментов е најголемиот проблем и најбрзиот пат до сиромаштијата против кој се бори оваа серија. Но, да ве потсетам, бев обвинет и јавно осуден за сексуално вознемирување и злоупотреба“, додава Амадеус.
„Баш подоцна, за време на снимањето, во станот на загрозено семејство, додека јас лично не успеав да ја контролирам мојата огромна вознемиреност, каде пцуев пред камерата и општеството и државата за тоа дека мораме да просиме во за да им се овозможи на некои луѓе да си ги платат долговите и да го наполнат фрижидерот, дотичниот покажал целосна присебност и ладнокрвност. По снимањето, на самата разделба, таа почна да демонстрира некаков театарски гнев и ме замоли да се извинам. Откако не доби задоволително извинување, таа влезе во хистеричен напад, толку силен што ѝ реков дека е луда и дека треба да се лекува. Тоа искрено го мислам и сега. Исто како што еднакво мислам дека целата медиумска сцена е болна, без скрупули, во која, во отсуство на јасни етички принципи, се прифаќа „културата на откажување“(cancel culture), средновековна култура на лов на вештерки, но сега во ерата на мобилните телефони“, пишува Рамбо Амадеус.
Тој нагласи дека, според него, неприфатлива е каква било форма на насилство врз кого било.
„Овде сакам да нагласам дека секој облик на насилство врз кој било, особено врз деца и жени, го сметам за неприфатлив и одвратен. Но, овде навистина не чувствувам дека бев насилен, туку дека го бранев сопствениот интегритет. Маж на нејзина позиција би направил полошо. Знам дека сега медиумите ќе ме закопаат што не го прифатив доминантното социјално лицемерие и јавно се извинив. Не можам. Мразам да се извинувам на личност која мислам дека е манипулативна, девијантна и злобна. Секако дека ми е жал што ги изгубив нервите и допрев нешто што не треба да се допира без дозвола. Секако дека ми е жал што ги изгубив нервите и се нафрлив. Не беше во ред. Mea maxima culpa. Им се извинувам на сите кои под притисок очекуваа поквалитетно однесување од мене. Се надевам дека оваа очигледна техничност во извинувањето е јасна. Забележувам затоа што се манипулира, дека веќе следното утро навремено и по моја иницијатива, усно и писмено, ја известив организацијата на УНИЦЕФ дека го замрзнуваме нашиот договор додека не се расветли случајот. Реагираа точно како што треба“, изјави музичарот.
Тој наведува и дека „единственото нешто над кое има моќ во моментов“ е да не дозволи емитување на делови од емисијата во која учествува тој.