РАМАЗАН БАЈРАМ Е ИЗРАЗ НА ДЛАБОКА ВЕРА, ДУХОВНОСТ, МИЛОСРДИЕ И НА ЉУБОВ Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова за големиот муслимански празник
Енергијата и топлината на светиот месец, не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани од исламска вероисповед, тие се чувствуваат во целата заедница, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова во честитката.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир еф. Фетаху.
„Почитуван реис-ул-улема Шаќир еф. Фетаху, Вам, лично, на членовите на Ријасетот, на муфтиите и на имамите, како и на сите верници од исламска вероисповед во Македонија, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам. Големиот празник е повеќе од традиционална прослава и од придржување до норми и правила. Рамазан бајрам е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов“, пишува претседателката во честитката.
Енергијата и топлината на светиот месец, додава таа, не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани од исламска вероисповед, тие се чувствуваат во целата заедница.
„Во време кога целото човештво се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина. Да продолжиме да ја негуваме пријатната атмосфера во текот на целата година и да бидеме исполнети со благост, солидарност и емпатија. Со цврста волја, силна верба и заедништво, ќе ги надминеме сите предизвици и тешкотии. Бајрам Шериф Мубарек Олсун. Благословен и честит нека е празникот Рамазан бајрам“, напиша претседателката Сиљановска Давкова.