РАМА Е СПРЕМЕН ДА ГИ ПРОДАДЕ БРАЌАТА НА БЕЛГРАД Џамбаски ја коментираше изјавата на албанскиот претседател
Еди Рама е Србин колку и Вучиќ. Тоа е точно. Рама е подготвен да ги предаде своите браќа на Косово, за да има засилување за Вучиќ и Белград, напиша Џамбаски.
Контроверзниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски ја коментираше ироничната изјава на Еди Рама дека ако војната е услов за членство во ЕУ тогаш балканските земји можат веднаш да се нападнат една со друга. Џамбаски вели дека Еди Рама е партнер на Белград, српската хегемонија и на Кремљ и дека не е добро да се споредува руската агресија врз Украина со бугарската надворешна политика во однос на Македонија.
Џамбаски на Фејсбук напиша:
„Уште еднаш, премиерот на Албанија си дозволува да зборува против Бугарија, споредувајќи ја руската агресија во Украина со бугарската надворешна политика. Ким Мехмети, новинар од Северна Македонија со албанско потекло, му ја даде најдобрата дефиниција – „Еди Рама е Србин колку и Вучиќ“. Тоа е точно. Рама е подготвен да ги предаде своите браќа на Косово, за да има засилување за Вучиќ и Белград. Ја вовлече Албанија во „Отворениот Балкан“, проектот на Србија за враќање на нејзината хегемонија на Западен Балкан. Да бидеме појасни, Белград е инструмент на Кремљ, а Еди Рама им е партнер“.
Вчерашната изјава на Рама за војните на Балканот и за тоа кој кого би нападнал кренаа голема прашина во јавноста во регионот. Еве како гласеше неговата точна реченица:
– Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: Кој кого треба да напаѓа во овој панел за побрзо да влеземе во Европската Унија, како Украина? И си одговарам: Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија без сомнение. Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, Босна може да се нападне сама себе. Ние, Албанија, можеме да бараме од Грците да нè нападнат и тие со задоволство ќе го направат тоа, Црна Гора може само да лежи на плажа. И така сите ќе бидеме подготвени да влеземе во ЕУ заедно со Украина – рече Рама.