РАКОВОДСТВОТО НА „АЛИЈАНСА“ НА ТАРАВАРИ ПОДНЕСЕ КОЛЕКТИВНА ОСТАВКА Реакција на изборните резултати
„Одлуката е донесена за спроведување длабоки и сеопфатни реформи кои ќе го зајакнат политичкиот профил и внатрешното функционирање на Алијансата за Албанците“, наведуваат од партијата.
Раководството на Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, едногласно одлучи да поднесе колективна оставка, објави ТВ21. Одлуката била донесена на последната седница на партијата и, според соопштението, има за цел организациско освежување и вклучување нови кадри во раководството.
„Одлуката е донесена за спроведување длабоки и сеопфатни реформи кои ќе го зајакнат политичкиот профил и внатрешното функционирање на Алијансата за Албанците“, наведуваат од партијата, додавајќи дека оставките се рефлексија на резултатите од локалните избори.
До одржувањето на Собранието и на Конгресот, управувањето со партијата ќе го извршува претседателот Арбен Таравари, додека Собранието официјално ќе ги констатира оставките.
Според статутарните рокови, Собранието на Алијансата за Албанците се очекува да се одржи во средината на февруари, додека Конгресот ќе се одржи наесен годинава.