РАФИНЕРИЈАТА ВО ПАНЧЕВО ПОЧНА ДА ГИ ГАСНЕ ПОСТРОЈКИТЕ Нема сурова нафта за преработка
Откако НИС ќе ги потроши своите резерви на бензинските пумпи, ние по 13 декември нема да можеме да ѝ даваме од нашите резерви. Имаме доволно до крајот на јануари – изјави Вучиќ.
Рафинеријата во Панчево, единствената нафтена рафинерија во Србија, објави дека започнало гаснењето на производствените постројки поради недостиг на сирова нафта за преработка, што настана поради американските санкции за Српската нафтена индустрија (НИС). Ова следува седум дена откако погоните на рафинеријата влегоа во процес на топла циркулација за да остане системот функционален.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска рече дека нема добри вести во врска со НИС, откако не добиле позитивна одлука од Вашингтон. Ситуацијата остана непроменета откако на 9 октомври стапија во сила американските санкции за НИС, воведени поради руското сопствеништво во компанијата.
– Очекувавме да добиеме лиценца од САД за продолжување на снабдувањето на рафинеријата во Панчево со нафта, но тоа не се случи. Русите не сакаат да ја продадат НИС и тоа е нивно право зашто се сопственици, но ние имаме многу маки поради тоа – рече Вучиќ.
„Газпром“ поседува 56% акции во НИС, што ги купи за 400 милиони евра во 2008, додека Србија е сопственик на 29,9% акции. САД ги воведоа санкциите на 10 јуни и во меѓувреме неколкупати ја одложија нивната примена.
Вучиќ предупреди дека и централната банка на Србија би можела да се најде под секундарни санкции во секој момент зашто не престанала да соработува со НИС.
– Ова веќе не е прашање на една компанија, туку на целата земја. Откако НИС ќе ги потроши своите резерви на бензинските пумпи, ние по 13 декември нема да можеме да ѝ даваме од нашите резерви. Имаме доволно до крајот на јануари. Во секој случај, ние носиме одлука на 15 јануари – кажа Вучиќ.