РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА ЌЕ КУРТУЛИ? Дванаесет членки на ЕУ се спремни да го финансираат медиумот
Иницијативата за спас на РСЕ, Дворжак ја промовираше минатата недела на заседанието на европскиот Совет за општи работи, а за неа се расправаше и во рамки на Самитот на ЕУ одржан минатиот четврток.
Чешката иницијатива за обезбедување средства за финансирање на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ) по одлуката на САД за повлекување на финансиската поддршка за медиумот, досега ја поддржаа 12 земји членки на ЕУ, информира чешкиот министер за Европската Унија, Мартин Дворжак.
Според Дворжак, кон иницијативата со која се изразува подготвеност на земјите поддржувачи да работат заедно за да најдат и обезбедат соодветни финансиски ресурси за РСЕ, покрај Чешка, досега се приклучиле и Австрија, Белгија, Естонија, Германија, Данска, Летонија, Литванија, Словенија, Финска, Холандија и Шведска.
Чешкиот министер додаде дека преговорите за спас на станицата која е „сила за демократијата, човековите права и слободата на изразување“ се во тек, со „ветувачки“ перспективи.
Иницијативата за спас на РСЕ, Дворжак ја промовираше минатата недела на заседанието на европскиот Совет за општи работи, а за неа се расправаше и во рамки на Самитот на ЕУ одржан минатиот четврток.
– Иницијативата го привлекува вниманието на сложената ситуација откако САД престанаа да го финансираат Радио Слободна Европа/Радио Слобода. Сметаме дека радиото е исклучително важен и функционален извор на независни информации за земјите на кои во моментов им недостасуваат демократија и слободни медиуми. Сметаме дека би било голема штета оваа институција да пропадне – рече Дворжак при најавата на идејата.
Покрај со одделни земји членки, за иницијативата Прага разговараше и со Европската комисија, за што Дворжак одржа средба со еврокомесарот за буџет, борба против измами и јавна администрација Пјотр Серафин.
– Комесарот Серафин изрази голема поддршка, што беше многу пријатно за мене. Тој сѐ уште не ги прецизираше ресурсите што би можеле да се искористат, но тоа ќе биде предмет на преговори – рече Дворажк, додавајќи дека за идејата очекува поддршка и од еврокомесарот за меѓународни партнерства, Чехот Јозеф Сикела.
Дворжак оцени дека најдобро решение би било САД сепак се откажат од идејата за запирање на финансирањето, па затоа Чешка ќе се обиде да ги убеди американските претставници „да го преразгледаат овој потег“.
– Можеби резултатот ќе биде некаков компромис, па ќе можеме да преземеме само дел од финансирањето на европско ниво – додаде Дворжак.