„Радио га га“

Но токму како што напишал Роџер Тејлор во хитот „Radio Ga Ga“, оваа и ваква сдсм заради тоа ќе биде само „background noise“ во македонската политика, некаква смешна политикантска парада на глупоста на еден грст луѓе кои ќе го „возат“ членството – она што преостанало – по провинциските калливи македонски беспаќа прикажувајќи им ги како современи европски автостради ала онаа што ја оставија на делницата Кичево –Охрид, ќе им продаваат чушки/френки и по некоја вакцина (скраја да е) завиткани во „прогресивна“ розова опаковка подметнувајќи им ги како прозападен тип на солидарност, правда и еднаквост!

807

Да потрошиш, буквално, цели 11 минути во централните вести на една национална телевизија на „конгрес“ на сдсм (малите букви се… знаете веќе што) којшто ефективно не траел повеќе од половина час и на којшто се избрани само Централен одбор и заменик претседателка (од која не слушнавме ни збор!), а притоа најважната светска вест за Самитот за климатските промени да добие само 4-5 минути на крајот на вестите, е чиста бласфемија и врв на неспособното македонско новинарство. Дел од тоа македонско тв новинарство не само што заборавило туку никогаш и не знаело што е тоа телевизија, за што е „измислена“, што е вест а што евтина пропаганда, да не говориме за фактот дека кај нас критичкото тв новинарство речиси никогаш и не постоело.

Македонските телевизии, во најголемиот дел, мислат дека оние блуткаво провинциски политичко-дебатни емисии како „радио га га“ на политичките партии се доволна „информација“ за јавноста и замена за сериозно и современо ориентирано новинарство.






Но, од друга страна, таквиот пристап во информирањето за тој „конгрес“ на сдсм е сосема прикладен на самиот настан, којшто не беше ништо повеќе од „секта га га“ – дури и со „тенкистот“ меѓу нив! – односно носталгично-патетично сеќавање за некакви подобри денови кога сектата беше партија, со оние воведни измонтирани потсетувања на Киро, Бранко и компанија и нивните „светли“ мигови. Зашто сѐ друго беше темно, соцреалистичко, анахроно до зла бога, токму како и „ударниот“ слоган на неврохирургот во комичната улога на претседател на „партија“: солидарност, правда и еднаквост!

Па што мислат овие луѓе, во кое време живеат? Во времето на работните акции, на засилените синдикалн и движења, односно во време коешто никогаш и не постоело – барем не за нивната „партија“ – бидејќи во сдсм, дури и кога беше „државотворна“, тие принципи беа научна фантастика. Или мислат дека со нивната носталгија, слична на онаа на Квин во „Radio Ga Ga“, ќе нѐ враќаат во некои стари времиња, во урамниловки (но за нас, не за нив), во диктатура на пролетерските секти… што ли? Па слушале/читале ли некогаш овие луѓе говори на странски претседатели на партии и државници, виделе ли како изгледаат европските партиски конгреси…? И очекуваат цела држава да ракоплеска во тактот на „Radio Ga Ga“ и да им пее „someone still loves you“?

Не дека ќе нема кој да ракоплеска, како што имало и на „конгресот“, но – на што? На она дека (повторно) „сите сме виновни“ а не тие кои ја водеа партијата и државата во оваа безизлезна бездна, оние кои ги товареа џиповите и моторите со вреќи државни пари, кои ги местеа сите оние криминално-коруптивни тендери со нивните коалициски партнери (кои, патем, упорно се закануваат дека без нив нема Македонија!) итн.? И за која „солидарност“ би ракоплескале? За онаа со нивните плати од две илјади евра наспроти просечната македонска плата од 400 евра? И за која тоа „правда“? Онаа во којашто на најголемите криминалци во нивните редови им ги застаруваа предметите и носеа измени во законите за лична неказнивост, онаа кадешто за пожар со страотни жртви во мобилни болници одговара доктор…? Или можеби за „еднаквоста“ помеѓу партиската врхушка и нејзините неограничени привилегии и останатото членство? Во кој ли свет живеат овие луѓе, но и оние „новинари“ кои им посветуваат онакво внимание?

Но затоа „елоквентноста“ – инаку крајно безобразна, уличарска, којашто си дозволува да говори за некој кој не е присутен – никогаш не недостасува кога е вперена контра политичкиот противник односно сегашната власт и нејзините изневерени очекувања, „хибридниот режим“ сега клевети за „режим во ново руво“ и слични глупости…, важни нешта но коишто попрво би требале да бидат содржани во нивните (самокритични) пледоајеа за времето кога тие беа власт во државата, ако воопшто некогаш се случат. Ама не, тие имале само „грешки“ но направени заради целосната посветеност на евроинтеграциите (sic!) небаре цела влада, сосе директорската гарнитура преговараа со Брисел, а само „некои функционери“ ги прифатиле криминалните методи на претходните влади. Просто да ве натера на солзи за нивната страдна судбина, за нивната посветеност на некакви реформи од коишто ние ни „р“ не видовме, за судството коешто, (ете, повторно) новата власт го разнебитува а тие така добро го наштелуваа итн.

Но токму како што напишал Роџер Тејлор во хитот „Radio Ga Ga“, оваа и ваква сдсм заради тоа ќе биде само „background noise“ во македонската политика, некаква смешна политикантска парада на глупоста на еден грст луѓе кои ќе го „возат“ членството – она што преостанало – по провинциските калливи македонски беспаќа прикажувајќи им ги како современи европски автостради ала онаа што ја оставија на делницата Кичево –Охрид, ќе им продаваат чушки/френки и по некоја вакцина (скраја да е) завиткани во „прогресивна“ розова опаковка подметнувајќи им ги како прозападен тип на солидарност, правда и еднаквост! Речиси е неверојатно како возрасни луѓе, дел од нив со сериозен професионален па и политички бекграунд, јавно прават од себе партиски палјачовци.

А сето тоа несомнено е резултат и на оној поширок, надворешен круг на сектата кој постојано, на секоја глупост, и бесрамно, како во транс, аплаудира во ритмот на „радио га га“ по „толку добро структурираниот и мотивирачки говор на лидерот“ (sic!). И тој надворешен круг не е всушност поширок туку е – најширок, поставен како систем уште од 1992 година, со сите клучни „играчи“ на стратешки најсоодветни позиции: универзитетот, судството, безбедносните структури, културата и образованието, независниот сектор… Па белки гледате како и онаа „независна“ и тооолку слободоумна македонска сцена полека си ги покажува роговите, до вчера сокриени зад едно чудо разнобојни капи и шалчиња?

Ако пак кон сета оваа секташка збирштина ги додадете и оние политикантски парталковци на високи функции кои, според последно откриениот скандал битпазарски, со двајца странски „еминентни“ ама одамна веќе само смешни прекупци во амбасадорски одежди, договарале „своевиден политички пуч заради промена на Уставот и заради слабеење на опозицијата“ (Героски), тогаш нели сѐ појасно е дека во македонското лудило има страотно перфиден инсталиран заложнички систем, дека овој и ваков сдсм е само маша на лицемерна и во суштина злосторничка банда водена од локално-меѓународни типови? И тогаш, за која и каква „солидарност, правда и еднаквост“ пелтечи „лидеро“, за какви и чии реформи, за какви и чии „успеси“ и „резултати“?!

Ако македонската слика е ваква гледана од кој и да е агол, ако нештата се одвивале и се одвиваат според овие и вакви уиграни локално-меѓународни пазарџиски шеми, зарем оваа држава нема изградено соодветни одбранбени механизми од такви банди? И зошто не ги активира?

П.С.

Како што прашав за честитките за „мадам нато“, ќе прашам и за „лидеро“: штоима да разговара претседателката на државата со „лидеро“ на сдсм, особено околу безбедносни прашања, ако претходно не побара – и добие, се разбира – исказ за расчистување на злосторничката операција водена во (сега) нејзината резиденција од претходниот „претседател“ на државата, претходниот „лидер“ на сдсм и другите инволвирани во операцијата?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини