Радев: Над 100.000 граѓани на Македонија имаат бугарски пасоши, мора да имаат еднакви права
Бугарите во Македонија мора да имаат еднакви права со оние на другите граѓани на земјата во согласност со највисоките светски и европски стандарди, порачува бугарскиот претседател.
Бугарскиот претседател Румен Радев бара одговор од институциите во Софија и во Скопје за сигналите добиени од претседателството на етничките Бугари од Македонија за важните проблеми со кои се соочуваат, соопшти прес-службата на Радев.
Позицијата на претседателот Радев, како што пишуваат бугарските медиуми, е мотивирана од писмото добиено од претседателството од етнички Бугари од Македонија, во кое тие изразуваат загриженост за нивната континуирана дискриминација во земјава.
Според Радев, почитувањето на слободното право на самоопределување на нашите сонародници, наведуваат медиумите, кои и покрај сите репресии во тоталитарното минато, го зачуваа и отворено го искажуваат својот бугарски национален идентитет, претставува клучен чекор во развојот на добрососедските односи.
„Повеќе од 100.000 граѓани на Македонија имаат бугарско државјанство, стекнато врз основа на слободна волја и документарно потврдување на нивното бугарско етничко потекло. Илјадници други се во процес на разгледување на нивните апликации за бугарско државјанство. Очекуваме овие објективни факти да најдат израз во спротивставувањето на официјалните власти во РСМ против алармантните димензии на говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите во РСМ“, се наведува во ставот на претседателот.
Таму е наведено дека Бугарите во Македонија мора да имаат еднакви права со оние на другите граѓани на земјата во согласност со највисоките светски и европски стандарди.
„Овој основен принцип на демократија е вграден во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година“, наведува шефот на бугарската држава.