РАЦИЈАТА ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД-БОЛНИЦА ПРОВАЛЕНА? Инспекторите не нашле роднини на пациенти
Државниот здравствен инапекторат направи вонреден инспекциски надзор во тетовската Клиничка болница по допрен глас.
Неколку дена по големата трагедија во Тетово во која во пожар во ковид центарот загинаа 14 лица, од кои 12 се пациенти, а две се надворешни лица, Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил инспектори во Клиничката болница кои утврдиле дека во просториите кај болните нема присутни надворешни лица кои им помагаат.
Вонредната инспекција е извршена во неделата, на 12 септември.
– По допрен глас дека во ковид центарот при Клиничката болница во Тетово има цивили, членови на заболени од ковид-19, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор. Во моментот на инспекцискиот надзор, инспекторите не затекнаа надворешни лица и не констатираa повреда на законот. Тоа најверојатно се должи на реалните промени во функционирањето на болницата, под притисок на јавноста по трагичниот настан – велат од Инспекторатот.
Оттаму додаваат дека Инспекторатот ќе продолжи со вонредни надзори во оваа болница, но и во сите останати ковид центри, секогаш кога ќе добие пријава или по допрен глас.
– ДСЗИ може да постапи само ако во моментот на надзорот најде присутни цивили во ковид-центарот каде е забранета посета – појаснуваат од Инспекторатот.
По несреќата излезе во јавност дека роднини на болни во Тетовската болница, посебно на болни од ковид-19 се грижеле за пациентите. Меѓу жртвите од несреќата две беа надворешни лица кои не биле болни.