Рацете на Ен Хатавеј ги разбеснија лицата со инвалидитет: „Варнер брос“ се извини поради „Вештерките“
Компанијата „Варнер брос“ упати јавно извинување откако бројни лица со инвалидитет го искритикуваа начинот на кој е претставен ликот на Ен Хатавеј во новиот филм „Вештерките“ (The Witches).
Во остварувањето на Роберт Земекис, Хатавеј ја игра Врховната вештерка, на која ѝ недостасуваат неколку прсти. Многумина забележале дека нејзините дланки потсетуваат на состојбата позната како ектродактилија, која се карактеризира со вроден недостаток на прсти на рацете или нозете.
Многумина се загрижени дека претставувањето на лицата кои имаат генетско нарушување како вештерки може да придонесе децата да ги поврзуваат деформитетите со нешто страшно и ненормално.
Параолимпијката Ејми Марен и организаторите на Параолимписките игри изразиле жалење поради ова.
– Свесна сум дека ова е филм и дека тие се вештерки. Но, вештерките асоцираат на монструми. Страв ми е дека децата, кога ќе го гледаат овој филм, ќе стекнат впечаток дека разликите се нешто од кое треба да се плашат – рекла Марен.
– Деформитетите не се страшни. Разликите треба да се слават, а хендикепот мора да се гледа како нешто нормално – навеле тие.
„Вештерките“ беше објавен на платформата „HBO Max“ во октомври. Станува збор за екранизација на детската книга на Роалд Дал. Приказната се врти околу момче кое, додека отседнува со неговата баба во еден хотел, случајно наидува на група вештерки и дознава за нивниот суров план сите деца на светот да ги претворат во глувци.
Во филмот се појавуваат Ен Хатавеј, Октавија Спенсер, Стенли Тучи, Крис Рок и Џазир Кадим Бруно.
ФОТО: Танјуг/Варнер брос