Работниците со бенифициран стаж да изберат пензиски фонд до 30 септември
Од МАПАС информираат дека членовите кои нема да го остварат правото на избор остануваат осигуреници само во ПИОМ.
Членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од 1 јули 2020 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2020 година, информира Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) .
– Изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство, а доколку членовите до овој рок не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане на 1 октомври 2020 година. По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фондот на ПИОСМ)- појаснуваат од МАПАС.
Членовите кои нема да го остварат правото на избор остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе остварат пензија.