РАБОТЕВМЕ БЕЗ ПЛАТА, А ПРИМААТ НАДВОРЕШЕН КАДАР Хонорарците на улица пред болницата во Тетово

Хонорарно вработениот медицински и немедицински персонал обвинува дека бил заобиколен при последниот конкурс, додека раководството најавува нови вработувања во 2026 година.

376

Дел од вработените во Клиничката болница во Тетово, кои со години работат со договор на дело, денеска излегоа на протест пред управната зграда на установата, барајќи трајно вработување и исполнување на ветувањата дадени од надлежните институции. Тие обвинуваат дека наместо нив, на конкурсот бил примен надворешен кадар.

Станува збор за дел од вкупно 155 лица – доктори, медицински сестри, техничари, административен и друг персонал – кои во мај и јуни преку протести јавно го изразија незадоволството од својот статус, барајќи решенија за вработување, имајќи предвид дека со години работат како хонорарци. Јавниот конкурс за вработување на 119 лица медицински персонал беше распишан на 24 јули, а неговата реализација се случи по завршувањето на локалните избори.






Една од учесничките на протестот, Ивона Неделковска, која шест години работела како фармацевтски техничар во Инсулинската аптека, порача дека хонорарците нема да се откажат од своите барања.

– И покрај ветувањата на министерот Алиу, директорот Елези и градоначалникот Касами за нашите работни места, ние денес стоиме овде барајќи ја правдата и ветените позиции. Ќе одиме до крај, па дури и по цена да се поништи овој конкурс. Сите ние имаме повеќегодишно искуство. Работевме без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без одмори, боледувања и слободни денови. Не е фер да се прима надворешен кадар без искуство, кога веќе постои обучен и искусен персонал – изјави Неделковска.

Претставници на хонорарците, заедно со новинарите, остварија средба со директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, од кого побараа објаснување зошто не се исполнети ветувањата за нивно трајно вработување.

Во изјава за медиумите, директорот Елези истакна дека при спроведувањето на конкурсот биле земени предвид реалните потреби на болницата и профилите што недостасуваат.

– На пример, во акушерството имаше предвидено само едно место за вработување, а под договор на дело се десет лица. Примено е едно лице кое било со договор веќе 10 години. Не можеме сите да ги примиме. Околу 80 отсто од примените се лица кои биле со договор на дело. Не се примени оние чии профили не беа наведени во огласот – рече Елези.

Директорот додаде дека Клиничката болница добила позитивно мислење од Министерството за здравство и Министерството за јавна администрација за нови вработувања.

– Се работи за 133 нови вработувања на медицински персонал во текот на 2026 година. Тогаш ќе постои можност да се вработат и дел од лицата кои сега не добија трајно решение – изјави Елези.

Хонорарците, пак, најавуваат дека ќе продолжат со протестите доколку не добијат конкретен рок и писмена гаранција за својата иднина во установата.

Поврзани содржини