РАБОТАТ ПОМАЛКУ, А СПОРЕДЕНО СО ПРОСЕКОТ, ПЛАТЕНИ СЕ КАКО И ГЕРМАНСКИТЕ! Споредбена анализа на МИА за платите на македонските и европските судии и обвинители

Годишната плата во правосудството во 2022 година во Германија изнесувала 56,3 илјади евра. Просечната годишна плата според официјалната статистика изнесувала 49,2 илјади евра. Тоа значи дека правосудните плати имаат коефициент од 1,08 од просечната германска плата, што е неспоредливо помалку од 2,5 до три просечни плати што ги земаат нашите судии и обвинители.

604

Една од клучните борби против Предлог буџетот на Владата и Министерството за финансии доставен до Собранието, ја водат судиите и обвинителите. Тие бараат многу повеќе пари за својата работа, во која уживаат два отсто доверба од јавноста, а дури и го искараа премиерот што им го споменува тоа, како и апсолутна самостојност во трошењето на тие пари и зачувување на довербата од два отсто, што се чини на крај и ќе ја добијат со сетот закони од оваа област кои ќе се усвојат до крајот на годината. Но, дали го заслужуваат тоа? Тоа е првото прашање. Второто е, дали тие навистина се помалку платени и повеќе работат од европските колеги. Еве што вели анализата на експертското тело во рамки на Советот на Европа – CEPEJ (телото е составено од експерти, формирано е во 2002 година, а целта му е да работи на анализи за подобрување на правосудниот систем во европските земји), која што ја објавува и обработува екипа на државната новинска агенција МИА, која ја пренесуваме во целина.

„Како што рековме, не е прв пат, решението за подобро правосудство да се гледа низ призма на пари. Токму на барање на правосудната фела, поткрепени од ЕУ експертите, беа воведени законски рамки за судскиот и обвинителскиот буџет. За судовите тој е на високи 0,8 проценти од државниот буџет, за обвинителите на 0,4 проценти. Тоа би значело дека за оваа намена би се трошеле некаде 1,2 проценти од сите народни пари.






Засега ова е само плафон, кој уште не е достигнат (а се чини не ни треба, зашто споредбено, не стоиме воопшто лошо во споредба со многу други правосудни системи од западните земји), но судовите и обвинителите не отстапуваат да го побараат, а се лути кога не го добиваат. Сега пак, за правосудните реформи што ни ги бара Брисел, а со задоволство ги чекаат судиите и обвинителите се бара двојно поголем колач од народните пари за да се работело подобро.

Судот изминативе години добива 0,66 отсто од буџетот или во пари 44,7 милиони евра. Најголем дел од нив дури 38,3 милиони се трошат на плати. Според податоците од предлогот буџетот, од 2021 година до денес, платите во судството речиси двојно се зголемиле. Слично е во обвинителството, тие добиваат 0,21 отсто од народните пари или 14,4 милиони евра. И таму најголем дел се трошат на плати, дури 10,6 милиони евра.

Основните плата на обвинителите и судиите се движат околу 86 илјади денари, па се до онаа на државниот обвинител или врховните судии чија плата според законските коефициенти изнесува околу 122 илјади денари (од 17 до 24 илјади евра годишно). Ова е од 2,3 до 3,2 просечни плати во државата.

Но, наспроти македонските бројки постојат и споредбени анализи со точна слика кој колку троши, а колку работи. Таков пример има Извештај за правосудните системи – CEPEJ на Советот на Европа (а прифатен и од Европската комисија на ЕУ) издаден лани, а се однесува на 2022 година.

Според CEPEJ, во Македонија секој жител троши 24,6 евра на судството или 0,39 отсто од целиот БДП оди за работата на судовите и обвинителствата. Споредбено, тоа е дури нешто над ЕУ просекот на државите кои трошат од 0,33 до 0, 35 проценти од БДП за оваа намена,

Во Македонија бројот на обвинители се движи од 170 до 200 изминатава деценија. Според извештаите на Јавното обвинителство, во 2023 имало 179 обвинители, а во 2024 година 169 обвинители. Споредено со пописот од 2021 година, тоа се 9,7 односно 9,2 обвинител на 100 илјади жители. Советот на Европа презентира малку помала бројка од 8,5 обвинител на 100 илјади (https://rm.coe.int/north-macedonia/1680b1df79) (Германија има 7,6 обвинители на 100 000 жители). Европскиот просек е од 11 до 12 обвинители на 100 илјади жители, но генерално, просекот го креваат источноевропските земји, додека западноевропските системи имаат помал број.

Но, да видиме колку работеле македонските обвинители споредено со нивните европски колеги?

Според CEPEJ, во Македонија еден обвинител од 2012 до 2022 година, во просек годишно работел на 170 до 200 предмети, што е под или во рамките на европскиот просек од околу 204 предмети годишно за еден обвинител. Слични бројки презентира и самото Јавно обвинителство во годишните извештаи што ги доставува до Собранието. На пример, за 2023 година стои дека просечно еден обвинител работел по 180 нови предмети годишно.

Иако по обемот на работа обвинителството ни е под или во европскиот просек, во сите годишни извештаи Јавното обвинителство нотира недостиг на обвинители за да работи ефикасно. Велат дека обвинителите имаат зголемени надлежности и работа согласно новиот Законот за кривична постапка. Од обвинителството ценат дека во Македонија треба да има дури 261 обвинител, што би било дури 14,2 обвинители на 100.000 жители, што ретко која држава го има.

Бројот на судии според неформалните извори се движи околу 460, што е некаде околу 25 судии на 100 илјади жители. Совет на Европа, за нашата земја вели дека има 22,3 судии на 100 илјади жители, а европскиот просек е некаде околу 17 судии, што значи дека сме над него.

Колку за споредба, на 100 000 жители, еве неколку земји кои имаат помалку судии од нас:

Северна Македонија-22,3 судии

Холандија-15

Белгија-14,6

Италија 12,2

Франција – 11,3

Шпанија – 11,8

Албанија – 114,

Англија со Велс само 3 судии на 100 000 жители.

Но, има и земји со по над 40 судии на 100 000 жители. Според CEPEJ, овие нееднаквости можат да се објаснат, барем до одреден степен, со разновидноста на европските судски организации и правни системи, кои се производ на долги историски процеси. Така, малиот број на професионални судии по жител во Велика Британија – Англија и Велс, Велика Британија – Северна Ирска и Велика Британија – Шкотска може да се објасни со многу високиот процент на случаи што спаѓаат во надлежност на судовите на магистратите составени од непрофесионални судии. Картата ги прикажува сите земји што имаат и повремени професионални судии, како и непрофесионални судии кај некои земји.

Балкански синдром 

Она што може да се забележи од студијата на Советот на Европа дека постои некаков балкански синдром во делот на правосудството – бројот на судии и обвинители да е далеку над европскиот просек (освен Албанија), иако правдата се чини најбавно стигнуваа токму во овој дел од Европа. Обратно, пак, парите што ги одвојуваат овие држави за правосудство како дел од БДП или од државниот буџет се над европскиот просек, но сличен на македонскиот. Хрватска и Словенија за правосудство годишно трошат 0,38 од БДП, Србија дури 0, 54 од својот БДП, Албанија – 0,29 од БДП.

На пример, во Хрватска има 42,4 судии и 16,2 обвинители на 100 илјади жители. Тоа е речиси двојно повеќе судии и третина повеќе обвинители од европскиот просек. Еден обвинител таму работи само 67 предмети годишно, што е неспоредливо помалку од останатите европски држави, а речиси занемарливо за еден германски обвинител кој работи над 700 предмети. Платите се движат од 28 до 57 илјади евра годишно. Но, споредбено со просечната плата, што нашите обвинители и судии ја имаат како основица, хрватските правосудци земаат исто како и македонските колеги – од 2,5 до 3 просечни плати.

Во Србија има 39,1 судии и 10,4 обвинители на 100 илјади жители. Бројот на судии исто е двојно повеќе. Еден обвинител таму работи 114 случаеви годишно, но имало и години како во 2018 година кога еден обвинител морал да сработи и до 500 предмети годишно. Платите се движат од 20 до 49 илјади евра годишно. Споредено со просечната плата во Србија, тоа се 2,3 просечни плати, што е повторно исто, па и помалку од платите на македонските обвинители и судии.

Многу судии има и Словенија. Таму бројките се следниве: 40,7 судии и 9,8 обвинители на 100 илјади жители. Иако бројот на обвинители е мал, се чини дека тие работат и повеќе и поефикасно од своите балкански колеги – 289 предмети годишно. Платата на словенечките правосудци се движи од 34 илјади евра годишно за пониските степени на судии и обвинители, до 66 илјади за поискусните и повисоките степени. Словенечките судии почнуваат со 1,1 просечната плата, а кариерата ја завршуваат со 2,7 просечни словенски плати.

Србија и Хрватска имаат ниска доверба во судството со нешто над 20 отсто. Од сите балкански држави, најмногу доверба во судството постои во Словенија – 41 отсто.

Кај нас таа доверба е 2 отсто. А, велиме дека е ниска довербата во правосдството во Србија и Хрватска каде таа изнесува 20 отсто.

Правосудните бројки во Германија

Најцелисходно трошење во однос на сработено изгледа има во Германија. Таму, во федералниот буџет нема посебни ставки за обвинителството и судовите, но има ставка која се однесува на Министерствотото за правда и правосудството на федерално ниво. Според официјалните буџети на Германија за оваа намена од 2022 до 2025 година се одвојуваат од 1,01 до 1,16 милјарди евра, односно од 0,2 до 0,24 отсто од вкупниот федерален буџет на Германија, пто не е различлно од нашта земја.

Но, ова не се единствените пари со кои располага правосудството. Според CEPEJ, германското правосудство чинело неверојатни 10,9 милјарди евра или вкупно 0,3 отсто од БДП на Германија но тука не влегуваат само судиите и обвинителите, туку и сите служби, а нема податоци дали тука е опфатен и затворскиот систем. Овој процент е речиси непроменлив од 2016 година, па се до денес и прилично скромен во однос на обемот на работа.

Но, апсолутните бројките се невројатно големи, бидејќи и Германија е голема. Еве ја анализата за тоа колку обвинители и судии работат во Германија, на колку случаеви и колкава плата земаат.

Според истата студија, во Германија работат нешто помалку од 21 илјади судии и 6 503 јавни обвинители. За да биде споредливо со нас, тоа се 24,7 судии и 7,7 обвинители на 100 илјади жители (ние имаме 22,3 судии на 100 000 жители и 9 обвинители на 100 000 жители). Според официјалните германски статистики  овие обвинители завршуваат 5,5 милиони предмети годишно или во просек, секој обвинител завршува невројатни 846 предмети годишно (друг неформален извор пак, вели дека еден германски обвинител во просек работи околу 770 предмети годишно). Ова е четири пати повеќе од европскиот просек.

Нема сумирани податоци за судовите, но според CEPEJ и официјалната сатистика на Германија во судовите годишно завршуваат од 4 до 5 милиони предмети (граѓански, кривични, управни). Тоа значи дека еден германски судија во просек годишно работи на 214 предмети.

За која плата го работат ова? Според CEPEJ, годишната плата во правосудството во 2022 година изнесувала 56,3 илјади евра. Просечната годишна плата според официјалната статистика изнесувала 49,2 илјади евра. Тоа значи дека правосудните плати имаат коефициент од 1,08 од просечната германска плата, што е неспоредливо помалку од 2,5 до три просечни плати што ги земаат нашите судии и обвинители. Точно, некои судии во Германија во врвот на правосудната кариера, завршуваат со околу 120.000 евра годишна плата, но и тоа е околу 2,5 пати повеќе во однос на просечната германска плата воопшто, а 2,5 пати повеќе од државниот просек добиваат и нашите врховни судии. Сега, како што истакна премиерот Мицкоски во неколку наврати, бробата е да добијат нето плати од 300 000 денари, што би било повеќе од 7 пати од просечната плата во државата, што не постои во ниедна европска држава.

Германскиот правосуден систем, според последниот извештај на ОЕЦД за доверба на граѓаните во јавниот сектор, ужива доверба од 58 отсто. Кај нас, да повториме, таа доверба е само 2 отсто. 58 отсто во Германија, наспроти 2 отсто во нашата земја.“

Екипа на МИА

Поврзани содржини