ПУЗДЕР ВО КАФЕАНА ВО ДЕБАР МААЛО Директорот на „Паркинзи“ сведочи дека четворица му ги натепале пријателите
Јас не учествував во инцидентот, иако се случи на масата на која што седев. Четворица за мене непознати лица дојдоа во ресторанот и ги нападнаа и повредија моите пријатели. За овој инцидент има и видео запис како доказ на кој јасно се гледа дека јас бев само сведок на немилиот настан, вели директорот на ЈП „Паркинзи“
Во кафеана во Дебар Мало ноќеска се случила тепачка во која според полицијата учествувале повеќе мажи кои фрлале и со стаклени предмети, а во групната мешаница во која биле седуммина, подебелиот крај го извлекле четворица.
Некои медиуми објавија дека бил нападнат и директорот на ЈП „Паркинзи“ Васко Кичевски, но тој на социјалните мрежи ги демантира тие информации и вака сведочи за крвавата тепачка во која неколкумина завршиле со расекотини предизвикани од стаклени предмети:
Полициската верзија на настанот пак вели дека на 10.08.2021 во 23.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека бил нарушен јавниот ред и мир во угостителски објект во скопско Дебар Маало, со физичка пресметка помеѓу М.С.(35) од с.Бардовци, скопско, Д.А.(36), Е.Д.(36), Б.Т.(36) и В.К.(36), сите од Скопје, од една страна и С.Б.(31), А.Р.(31), двајцата од Скопје и уште две лица, од друга страна.
-Според пријавеното, притоа биле користени тврди и стаклени предмети, а со повреди се здобиле С.Б., А.Р., М.С. и Д.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот -велат од МВР.