ПУТИНЕ, НЕ ОДИ ВО БУДИМПЕШТА! Полјаците ќе му го собореле авионот, Британците му спремале атентант…

Рускиот претседател од разни страни е бомбардиран со закани, предупредувања и теории на заговор, во пресрет на можната, но неизвесна средба со американскиот претседател Трамп во главниот град на Унгарија.

861

Иако состанокот Путин-Трамп е неизвесен, се заострува војната со зборови околу тоа колку патувањето на рускиот претседател во унгарската престолнина Будимпешта би бил опасен за него. Додека полска испраќа сигнали дека би се обидела да го уапси Путин, доколку има прилика за тоа, руски аналитичари зборуваат за опасноста од атентат врз рускиот претседател, доколку допатува во Унгарија.

Москва ја обвини Варшава дека упатува „терористички закани“ откако полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, изјави дека Полска не може да гарантира безбедност за авионот на Путин, ако тој лета над нејзиниот воздушен простор на пат кон Будимпешта, каде што беше најавен можен состанок со Доналд Трамп.






– Полјаците сега се подготвени сами да извршат терористички акти – изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, нарекувајќи ја изјавата на Сикорски „опасна и неприфатлива за земја членка на НАТО“.

Сикорски возврати дека неговата влада не може да влијае врз одлуките на нејзиното независно судство:

– Не можам да гарантирам дека полски суд нема да нареди приведување и предавање на Путин на Меѓународниот кривичен суд во Хаг – изјави министерот, потсетувајќи дека Полска е обврзана да го спроведе налогот за апсење издаден од Хаг поради воени злосторства во Украина.

Паралелно со тоа, полковникот на руската надворешна разузнавачка служба Андреј Безруков, поранешен агент на КГБ, тврди дека британските служби подготвуваат атентат врз Путин во Будимпешта и апелираше рускиот претседател да не патува таму.

– Не одете во Будимпешта… тоа е предавничка операција што ја подготвуваат Британците – рече Безруков, без да понуди докази за своите тврдења.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повика на смиреност и порача дека нема место за паника, додавајќи дека ваквите изјави, како тие на полскиот министер Сикорски, се „пример за непријателска политика што го поткопува европскиот мир“.

Планираниот состанок меѓу Путин и Трамп во Будимпешта е засега одложен, но наративите за безбедносни закани и меѓусебни обвинувања ја вжештија политичката сцена во Европа, во момент кога Унгарија се позиционира како единствена членка на ЕУ подготвена да му биде домаќин на рускиот лидер, и покрај налогот за негово апсење издаден од Хаг.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан информираше дека подготовките за мировен самит меѓу Трамп и Путин во Будимпешта продолжуваат.

На својот фејсбук-профил, Орбан напиша дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто моментално е во Вашингтон и дека разговорите продолжуваат, иако датумот за средбата сè уште не е одреден.

Поврзани содржини