ПУТИН ЗАГРИЖЕН ЗА СВЕТОТ, „ФАЛАТ ИДЕАЛИТЕ НА МУЛТИПОЛАРНОСТ“ Захарова се закани со руски одговор на Арктикот

Слушаме монолог од оние кои, според правото на посилниот, сметаат дека е дозволено да ја диктираат својата волја, да им држат предавања на другите и да издаваат наредби. Русија е искрено посветена на идеалите на мултиполарен свет , порача рускиот претседател.

3

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека меѓународната ситуација се влошува и оти светот станува сè поопасен.

– Ситуацијата на меѓународната сцена се влошува сè повеќе, мислам дека никој тоа не би го оспорил, долгогодишните конфликти се интензивираат, а се појавуваат нови сериозни жаришта – рече Путин.






Во говорот пред новите амбасадори кои му предадоа акредитиви во Кремљ, што беше неговиот прв јавен говор за надворешнополитички прашања оваа година, Путин не ги спомна експлицитно Соединетите Американски Држави или Трамп. Тој не се изјасни конкретно за американската акција во Венецуела и за американските аспирации за Гренланд, ниту за ситуацијата во Иран.

– Слушаме монолог од оние кои, според правото на посилниот, сметаат дека е дозволено да ја диктираат својата волја, да им држат предавања на другите и да издаваат наредби. Русија е искрено посветена на идеалите на мултиполарен свет – порача тој.

Путин повика на дискусија за руските предлози за нова безбедносна архитектура во Европа.

– Се надеваме дека признавањето на оваа потреба ќе дојде порано или подоцна. До тогаш Русија ќе продолжи доследно да ги следи своите цели – изјави тој.

Во меѓувреме, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи предупреди да не се занемаруваат руските интереси на Арктикот.

– Сите обиди да се игнорираат интересите на Русија во поларниот регион, пред сè во областа на безбедноста, нема да останат без одговор и ќе имаат многу далекусежни последици – изјави Марија Захарова.

Захарова ја критикуваше воената извидувачка мисија од страна на неколку европски членки на НАТО за подобра заштита на автономниот остров што ѝ припаѓа на Данска, нарекувајќи ја „следна провокација од западните земји кои исто така сакаат да го наметнат својот ред во овој регион на светот“.

Таа рече дека европските држави треба да бидат свесни дека ова ја загрозува безбедноста на Русија како рамноправна арктичка приморска или крајбрежна држава.

Русија, со својата долга северна крајбрежна линија на Северниот Леден Океан, го смета Арктикот за своја сфера на интерес. Таа сè повеќе ги користи морските патишта во регионот и го проширува своето воено присуство.

Американскиот претседател Доналд Трамп често ги наведува руските и кинеските активности во близина на арктичкиот остров како причина за неговото барање за контрола врз Гренланд, велејќи дека нивното присуство го прави островот клучен за безбедносните потреби на САД.

Поврзани содржини