ПУТИН СО „НЕ“ МУ ГО ЧЕСТИТАШЕ ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА ТРАМП Еве за што цел час муабетеле двајцата лидери
Рускиот претседател, како што беше посочено, му рекол на шефот на САД дека Русија ќе ги постигне своите цели во Украина и дека не отстапува од курсот, но дека е подготвена да ги продолжи мировните преговори на идни средби во Истанбул. Честитајќи му го претстојниот државен празник на САД Путин рекол дека Русија има значајна историска улога во создавањето на американската држава.
Рускиот претседател Владимир Путин телефонски му го честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп претстојниот 4 јули, Ден на независноста на САД, објави советникот на Кремљ Јуриј Ушаков.
– За време на разговорот, Трамп повторно ја нагласи потребата од прекин на воените операции во Украина што поскоро, додека Путин од своја страна нагласи подготвеност да ги продолжи мировните преговори во Истанбул – истакна Ушаков.
Но, рускиот лидер, како што посочи неговиот советник, изјавил дека Русија ќе ги постигне своите цели во војната со Украина, „искоренување на сите основни причини што доведоа до сегашниот конфликт“, и нагласил дека Москва ќе продолжи да го следи тој курс.
Во разговорот кој траел речиси еден час Путин му рекол на американскиот колега дека Русија има значајна историска улога во создавањето на американската држава. Искажувањето честитки, според Ушаков, е знак дека двата лидери остануваат отворени за комуникација и во иднина.
Советникот на Путин потврдил дека не се дискутирало околу сопирањето на американските испораки на оружје за Украина. САД неодамна решија да ги прекинат испораките за Киев.
Дипломатите од двете страни разговарале и за кризата во Иран и состојбите во поширокиот Блиски Исток. Ушаков вели дека разговорот се одвивал во пријателска атмосфера и дека двајцата лидери се согласиле дека ќе продолжат со дијалогот.
Ова е шестиот познат јавен телефонски контакт меѓу двајцата откако Трамп повторно застана на чело на САД во јануари. Последен пат разговараа на 14 јуни, со фокус на Иран, а сега за Украина и за Блискиот Исток.
Ситуацијата укажува на нова динамика: и покрај геополитичкиот притисок и воениот конфликт, Кремљ и Белата куќа не ги прекинаа каналите за директна комуникација, што потенцијално отвора можности за деескалација.
Засега нема официјални информации дали следните руско-американски преговори ќе се случат во Истанбул или на друго место, но двете страни остануваат „подготвени да продолжат со разговорите“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска, на заедничката прес-конференција со претседателите на Европска комисија и на Европски совет, рече дека е неопходна нова лидерска средба за постигнување мир во Украина.
Зеленски наведе дека се надева оти наредните денови ќе разговара со претседателот на САД, Доналд Трамп за одлуката на Вашингтон да ја ограничи испораката на дел од воената помош за Киев.