ПУТИН СЕПАК ЌЕ ДОЈДЕ НА Г20, ЗЕЛЕНСКИ СЕ МИСЛИ „Доколку дозволи ситуацијата, тој ќе биде со нас“
Додека претседателот на Индонезија, Џоко Видодо тврди дека Путин ќе присуствува на самитот Г20, макар и онлајн, „доколку дозволи ситуацијата“, украинскиот претседател Володимир Зеленски рекол дека нема да дојде ако присуствува и Путин.
Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо денеска изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин ќе присуствува на претстојниот Самит на Г20 на Бали доколку „дозволи ситуацијата”.
– Но, ако не успее да дојде, можеби виртуелно ќе ни се придружи – истакна на Видодо, кој претседава со овогодишниот Самит на Г20 на Бали.
Индонезија како домаќин на Г20 се спротивстави на притисокот од западните земји и Украина да ја повлече поканата до Путин, наведувајќи дека нема овластување да го направи тоа без консензус меѓу членките.
Видодо во интервју за „Фајненшл тајмс” истакна дека Русија е добредојдена на Самитот.
– Г20 не е наменет да биде политички форум. Замислен е да се занимава со економија и со развој – посочи Видодо.
Индонезија го покани и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој наведе дека нема да учествува доколку присуствува Путин.
На Самитот се очекува да присуствуваат и неколку други светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг.