ПУТИН НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПОМЕСТУВАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ НА БАЛТИКОТ Европската унија бара објаснување од Русија за новиот инцидент
Руските гранични службеници отстранија повеќе од 20 пловци на реката Нарва - воден пат долж естонско-руската граница.
Само еден ден откако руското министерство за одбра претходно оваа недела избриша документ од својата веб-страница што се однесуваше на прекројување на границата во Балтичкото Море, руските гранични службеници отстранија повеќе од 20 пловци на реката Нарва – воден пат долж естонско-руската граница.
Европските лидери го осудија тој потег и рекоа дека тоа е провокативно однесување кон соседните земји.
– Европската унија очекува објаснување од Русија во врска со отстранувањето на пловците и нивно итно враќање – изјави вчера шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, пренесува Политико.
Естонија и Русија секоја пролет поставуваат пловци во реката Нарва за да ја означат границата, појасни естонскиот граничен офицер Еерик Пургел за локалните медиуми. Како што коритото на реката се менува со текот на времето, и двете земји треба да го ревидираат водениот пат секоја година.
– Од 2023 година, Русија не се согласува со Естонија за позицијата на пловците. Затоа, решивме да ги поставиме пловците за летната сезона според договорот од 2022 година – рече Пургел.
Оваа година Русија објави дека не се согласува со позицијата на околу половина од 250-те гранични пловци.
Естонија ги постави пловците по договор за државната граница и договор за поставување на пловни обележја меѓу граничните служби во 2022 година. Првите 50 пловци беа поставени на 13 мај, а Русија отстрани околу половина од нив. Естонија го повика рускиот амбасадор да ја објасни природата на „провокативниот инцидент на границата“.
За потсетување, оваа недела руското Министерство за одбрана објави иницијатива за „одредување географски координати“ во Балтичкото Море бидејќи, како што велат, поранешните советски граници се непрецизни.
Според документот, кој во текот на денот исчезна од веб-страницата на министерството без објаснување и со назнака „нацртот е избришан“, станува збор за промена на границите во близина на руските острови во Финскиот залив и другите острови спроти крајбрежните градови на Балтијска и Зеленоградска во руската ексклава Калининград, која се граничи со Полска и со Литванија.