„ПУТИН МЕ НЕРВИРА СЀ ПОВЕЌЕ“ Трамп размислува за дополнителни санкции врз Русија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека рускиот лидер Владимир Путин е секогаш љубезен, но дека постојано пласира измислици кои, според него, на крајот немаат никаква смисла.
Говорејќи на седница на кабинетот во вторникот, претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека рускиот лидер сè повеќе го иритира, објави Гардијан.
– Путин ни пласира многу измислици, ако сакате да ја знаете вистината. Секогаш е многу љубезен, но на крајот сето тоа испаѓа бесмислено – изјави тој.
На прашањето дали сака дополнителни санкции против Русија, Трамп одговори:
– Размислувам за тоа.
Во понеделникот претходно, Трамп рече дека е разочаран од рускиот претседател и дека ќе ѝ испрати уште оружје на Украина.
– Ќе им испратиме уште оружје. Мораат да се одбранат. Сега се под многу силни удари – рече Трамп во присуство на американска и израелска делегација.
Украинските власти во вторникот му заблагодарија на американскиот претседател за пресвртот, но бројот на ракети „Патриот“ го опишаа како „занемарлив“. Министерството за одбрана на Украина соопшти дека се обидува да ги разјасни деталите.
„Не добивме официјална нотификација за промена на политиката, а клучно е да имаме стабилност, континуитет и предвидливост во снабдувањето со оружје, особено со системи за ПВО. Благодарни сме им на САД за целата поддршка и високо ги цениме напорите на американските партнери насочени кон постигнување праведен мир“, се наведува во соопштението на министерството.
Според веб-страницата Аксиос, Трамп се согласил веднаш да испрати 10 ракети „Патриот“ — дваесет помалку од пратката што минатата недела беше запрена на полско-украинската граница. Исто така, вети дека ќе обезбеди дополнителни канали за снабдување. Еден официјален претставник подоцна ги потврди тие информации. Украина моментално располага со 8 батерии „Патриот“, од кои секоја вреди повеќе од милијарда долари.
Ветувањето на Трамп уследи по седумчасовен руски воздушен напад врз Киев во ноќта меѓу четврток и петок, за време на кој беа истрелани повеќе од 550 дронови и балистички ракети. Украинските власти не сакаа да коментираат за сопствените залихи, но нагласија дека 10 нови ракети ќе бидат доволни само за одбрана од еден поголем ноќен напад.