ПУТИН ИТНО РАЗГОВАРАЛ СО ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАЛИВОТ Рускиот претседател стравува од ширење на конфликтот на Блискиот Исток

Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со четири лидери од Персискиот Залив, истакнувајќи дека нападите врз Иран може да прераснат во поширок регионален конфликт, и ја нагласи потребата од дипломатски решенија за стабилност на Блискиот Исток.

307

Рускиот претседател Владимир Путин денеска оствари разговори со четири клучни лидери на земјите од Персискиот Залив, предупредувајќи дека американските и израелските напади врз Иран можат да прераснат во поширок регионален конфликт, објави CNN.

По средбата со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, Кремљ соопшти дека двете страни ја изразиле „сериозната загриженост за реалниот ризик од проширување на конфликтот, кој веќе ги зафати териториите на повеќе арапски земји и има катастрофални последици“.






Путин нагласил дека единствениот начин за решавање на „исклучително опасната ситуација“ е преку дипломатија, додека Саудиецот истакнал дека Москва, со своите добри односи со Иран и земјите од Заливот, може да има стабилизирачка улога.

Путин разговарал и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

„Двете страни ја нагласија потребата од прекин на непријателствата и враќање на политичкиот и дипломатскиот процес“, соопшти Кремљ.

Исто така, Кремљ објави дека Путин и емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани во телефонскиот разговор, „изразиле загриженост за ризикот од ширење на конфликтот на Блискиот Исток и опасноста од вклучување на трети земји во него“.

Рускиот претседател разговараше и со кралот на Бахреин, наведува Кремљ.

Русија постојано ги осудува американските и израелските напади, како и атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, додека Кремљ повторува дека дипломатските решенија остануваат клуч за избегнување на катастрофални последици.

Поврзани содржини