Путин има бугарски пасош и другите квалитети на генерал Славјанка Петровска
И затоа Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Алијансата може мирно да ја набљудува украинската криза, бидејќи како што Славјанка од говорницата на СДСМ однесе голема победа за својата партија на локалните избори, така таа ќе донесе и голем триумф за НАТО во војната со Русија.
Не, навистина не ми е јасно како некои луѓе успеваат за само неколку денови или за само неколку часови, толку брзо да се прилагодат на новото работно место. На мене ми беа потребни месец или два за да сфатам како работи кафематот во Плусинфо, но ете на министерката за одбрана Славјанка Петровска ѝ беа доволни точно шест дена за да го совлада целокупниот комплициран баланс на кој почива европската безбедност, покажувајќи извонредно софистицирано познавање за однесувањето на руската армија.
Последен пат кога ја следев Славјанка во живо беше меѓу двата изборни круга од локалните избори, кога од говорницата на СДСМ ги броеше крвните зрнца на Данела Арсовска, откривајќи ѝ на јавноста за нејзината бугарска лична карта и за бугарското државјанство. Затоа и кога се појави министерката во емисијата на ТВ 24 очекував од позиција на прв човек на македонската одбрана да каже дека Владимир Путин има бугарски пасош или дека Сергеј Лавров по мајка е Ерменец. Не знам, можеби можеше да пронајде нешто и за својот руски колега Сергеј Шојгу? Или едноставно да каже, ако Шојгу крие за тоа што ние не го знаеме за него, тогаш којзнае што тој крие од НАТО?
Сфаќате? Ќе ги утепаше Русите без испукан куршум.
Но, Петровска даде неверојатно елоквентна изјава во врска со состојбата на теренот.
– Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент – рече таа.
Генијално.
Поставувањето на руската армија на руска територија е несомнено провокација, доколку тоа го тврди министерката, иако во нејзината биографија достапна на интернет, тешко ќе пронајдете потврда за тоа дека таа е стручњак за воена стратегија.
Значи од 2003 до 2006 година таа работи во Секретаријатот за европски прашања. Од 2006 до 2008 година работи во Собранието на Република Македонија, во Секторот за меѓународна соработка. Од 2008 до 2015 година работи во Собранието на Република Македонија, во Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции, а од декември 2015 до мај 2016 и од септември до декември 2016 година е дел од кабинетот на министерот за внатрешни работи. Од јуни 2017 година е шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи. Само ќе додадам дека од пред недела дена е министер за одбрана и ќе повторам дека никогаш претходно не се занимавала со војска, стратегија и било што слично.
Нормално дека злите јазици ќе кажат дека нејзината анализа на украинската криза е на ниво на за три минути прочитан текст објавен на некој од порталите, но јас сум убеден дека се работи за таа неверојатна способност за брзо прилагодување и учење. Можам да замислам дека уште во првата минута по примопредавањето на функцијата од нејзината претходничка, Славјанка ги прочитала сите извештаи на НАТО од 2005 до денеска. Едноставно ѝ рекла на Рада – немам време за кафе треба да учам, ај чао ќе те барам идната недела, цмок. Потоа се јавила во Генералштабот на армијата и побарала од генералите да ѝ го објаснат значењето на „моторизираните единици во доменот на обезбедување логистика во услови на модерно војување“, а сигурен сум дека добро се подготвила и на тема „развој на балистички и хиперсонични ракети од долг и од среден домет во времето на Студената војна“ или така нешто слично.
Значи сè е по „правила на службата“.
И затоа Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Алијансата може мирно да ја набљудува украинската криза, бидејќи како што Славјанка од говорницата на СДСМ однесе голема победа за својата партија на локалните избори, така таа ќе донесе и голем триумф за НАТО во војната со Русија.
Ќе ја славиме исто како и Наполеон што бил славен по враќањето од Москва!