ПУТИН ГИ УБИ КОРОНАТА И СИТЕ ДРУГИ КРИЗИ ГОДИНАВА Еве ги 10-те настани кои ја одбележаа 2022
Војната во Украина како да направи пандемијата со ковид-19 да исчезне, да не забележиме дека Велика Британија смени една кралица и два премиери, дека Кина и САД за малку ќе војуваа, дека во Иран има брутални женски протести за кои Западот нема слух, дека имавме радикално топли и ладни бранови во климата.
Дали знаевте дека во светот годинава има 32 милиони бегалци, речиси 13 милиони повеќе од лани? Или дека во Иран со месеци жените протестираат во невидени улични битки со милицијата? „Путин ја уби короната“ одеше една шега уште во февруари кога започна војната во Украина. Војната изгледа за годинава ги засени сите други потреси.
Но, еве ги 10-те вести кои ја одбележаа годината што заминува.
Британија смени два премиери и една кралица
- Државата имаше тројца премиери за само два месеци, а исто така го загуби и најдолго владејачкиот монарх во светот. Најблиската причина за превирањата на Даунинг стрит 10 беше – членови на владата на Борис Џонсон кои поднесоа оставка во јули во знак на протест против навидум бескрајната парада на скандали. Тој се согласи да поднесе оставка, а го наследи Лиз Трас која сепак, го имаше најкраткиот мандат од кој било британски премиер во историјата. Таа пак, ја запечати својата пропаст со тоа што веднаш ги намали даноците. Овој потег доведе до пад на вредноста на британската фунта. Риши Сунак, кој помогна во падот на Џонсон, ја доби честа да се обиде да биде премиер, но се соочува со застрашувачки ветрови.
Пакистан постојано беше во немири
- Политички, економски и климатски кризи го зафатија Пакистан во 2022 година. Во април, премиерот Имран Кан го загуби гласањето за недоверба. Кан, сепак, не отиде тивко во пензија. Наместо тоа, тој ги предводеше своите следбеници во серија протестни маршеви кон главниот град на Исламабад со цел да го собори неговиот наследник, премиерот Шехбаз Шариф. Во ноември тој беше ранет во неуспешен обид за атентат. Тој го обвини Шариф и високи воени претставници за нападите и побара земјата да одржи предвремени избори.
Бегалците се зголемија за 13 милиони
- Не бегаат само Украинците, туку светот е преплавен со мигранти. Околу 32 милиони луѓе ширум светот моментално се бегалци, што значи дека ја напуштиле својата родна земја поради прогон, конфликт или насилство. Кога ќе се вклучат внатрешно раселените – односно луѓето кои биле принудени да ги напуштат своите домови, но продолжуваат да живеат во нивната родна земја – бројот е повеќе од 100 милиони. Тоа е за 13 милиони повеќе од крајот на 2021 година.
Јужна Америка сврте налево од Западот
- Јужна Америка заврте налево. Само пред пет гофдини, во 2017 година, политичарите од десниот центар доминираа во политиката во Јужна Америка. Но, почнувајќи од 2018 година со изборот на Андрес Мануел Лопез Обрадор во Мексико, ветровите се сменија. Кандидатот на левиот центар Алберто Фернандез се огласи за претседател на Аргентина во 2019 година. Социјалистот Луис Арсе го освои претседателството на Боливија во 2020 година. Минатата година, социјалистот Педро Кастиљо стана претседател на Перу, а левичарот Габриел Бориќ стана претседател на Чиле. Густаво Петро влезе во историјата станувајќи првиот левичарски претседател на Колумбија, а поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва се врати на претседателската функција победувајќи актуелниот десничар Жаир Болсонаро.
Жените во Иран крваво се борат, никој не ги слуша на Запад
- Иранките протестираат и никој не ги слуша нивните повици. Протестите започнаа во септември кога „моралната полиција” во Техеран ја уапси Махса Амини (20) затоа што не ја покривала косата правилно. Таа почина во полициски притвор. Кога веста стигна до нејзиниот роден град Сакез во северозападен Иран, стотици луѓе се собраа да осудат нејзината смрт и малтретирањето на жените од Иран. Протестите брзо се проширија низ целата земја.
До декември, иранските безбедносни сили убија дури 450 демонстранти на улиците, а владата почна јавно да ги егзекутира демонстрантите осудени во избрзаните судски процеси за злосторства против државата.
Короната исчезна, освен во Кина каде што исчезна, ама прво имаше протести
- Ковид-19 намалува со интензитетот. Три години откако короната изби на сцената во септември, шефот на Светската здравствена организација изјави дека крајот на пандемијата е „на повидок”. Земјите ги напуштија локдауните, ограничувањата за патување и другите мерки.
Исклучок од овој тренд беше Кина. Земјата спроведе политика на нулта толеранција, но до крајот на 2022 година, кинескиот народ почна да се бунтува, па земјата ги откажа мерките и веќе не објавува бројки иако се претпоставува дека и до половина милион луѓе дневно се заразуваат.
Инфлацијата го јаде светот, а следува рецесија
- Враќање на инфлацијата. Во 2022 година е забележан пораст на инфлацијата низ целиот свет. Зголемувањето на цените беше поттикнато од комбинација на проблеми со побарувачката и понудата. Зголемените цени ја разбрануваа политиката и во богатите и во сиромашните земји, додека лидерите се обидуваа да го решат растечкиот јавен гнев. Проблемот е што главниот лек сега за инфлацијата е зголемувањето на каматните стапки. Меѓутоа, ако се направи тоа, малку се решаваат нарушувањата на синџирот на снабдување и може да предизвика рецесијa.
Бруталните топли и ладни бранови не ја сменија свеста за климатските промени
- Климатските промени се интензивираат. Европа доживеа рекордни топлотни бранови кои изгореа шуми и пресушија реки. Пакистан претрпе сличен брутален топлотен бран кој беше проследен со епски монсуни кои оставија дури една третина од земјата под вода. Југозападниот дел на САД претрпе рекордна суша.
Сепак, генерално, владините активности продолжија да заостануваат. Состанокот на COP27 во Шарм Ел Шеик, Египет, заврши со договор за загуби и штети што теоретски ќе ги наведе богатите земји да ги компензираат сиромашните земји оштетени од климатските промени. Но, не беа направени никакви откритија во намалувањето на емисиите. Наместо тоа, уделот на јаглерод диоксид во атмосферата продолжи да расте во 2022 година.
САД и Кина за малку ќе војуваа, тензиите остануваат
- Растат тензиите меѓу САД и Кина. Стратегијата за национална безбедност на администрацијата на Џо Бајден, објавена во октомври 2022 година, отворено ја истакна поентата: „Кина има намера и, има сè повеќе сила да го преобликува меѓународниот поредок во корист на оној што го навалува глобалното поле за игра во нејзина корист”, додека САД имаат намера да „победат во натпреварот”.
Кина почна застрашувачки воени вежби
Путин, Путин и уште вести за Путин
- Русија ја нападна Украина. Сè се врти околу војната и околу името Путин во медиумите. Во крајот на 2021 година, американските и британските власти почнаа да предупредуваат дека Русија ќе ја нападне Украина. Многу европски лидери, вклучително и украинскиот претседател Володомир Зеленски, ја отфрлија идејата за војна. Но, на 24 февруари 2022 година, Русија започна „специјална воена операција” за која рече дека е потребна за да се принуди на „демилитаризација и денацификација на Украина”.
На изненадување на Кремљ и повеќето воени експерти, Украина го издржа првичниот напад, а потоа почна да ги враќа руските сили. Москва се откажа од обидот да го заземе Киев и се префрли на заземање на регионот Донбас во источна Украина. Во септември, Украинците започнаа контраофанзива со која го ослободија североисточниот град Харков.
Како што завршува 2022 година, примирјето изгледа сè поневеројатно. И двете страни се надеваат на зимата која може да им донесе предност, а за напролет веќе се најавени нови офанзиви.
Во меѓувреме, остатокот од светот се бори да се прилагоди на ценовните шокови, прекините во снабдувањето и недостигот на храна предизвикани од руската агресија.