Путин ќе испрати 22 тони итна медицинска помош за Индија
Помошта ќе опфати 20 единици опрема за производство на кислород, 75 респиратори, 150 медицински монитори и 200.000 пакувања лекови, соопшти Кремљ, додавајќи дека помошта ќе биде испратена уште денеска.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска му вети на индискиот премиер Нарендра Моди „итна хуманитарна помош” од Русија во време кога Индија се соочува со драматичен скок во случаите на коронавирус.
Путин го информирал Моди дека ќе бидат испратени вкупно 22 тони материјал, соопшти Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
Помошта ќе опфати 20 единици опрема за производство на кислород, 75 респиратори, 150 медицински монитори и 200.000 пакувања лекови, соопшти Кремљ, додавајќи дека помошта ќе биде испратена уште денеска.
Во посебна изјава, руското Министерство за индустрија соопшти дека меѓу лековите што ќе бидат донирани е и „фавипиравир”, антивирусен лек кој се користи за лекување на поблаги форми на коронавирус.
Путин и Моди разговараа и за руската вакцина „Спутник V“, за која се склучени договори за производство на 850 милиони дози во Индија.
Индискиот здравствен систем се распаѓа како резултат на огромниот дневен пораст на новозаразени со коронавирус, при што се соочуваат со недостиг на кревети во болници, резерви на кислород и витални лекови. Бројот на починати од коронавирус во Индија денеска надмина 200.000, со над 3.000 смртни случаи во последните 24 часа, по првпат од почетокот на пандемијата, покажуваат официјалните податоци.