Пустинска прашина е причина за загадениот воздух во земјава
Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина (се претпоставува дека станува збор за пустински ветер) и истиот може да продолжи и во наредните денови.
Висок скок на загадување на воздухот е забележан вчера во Скопје и во повеќе градови во земјава. Невладините и граѓаните алармираа дека во одделни делови на Скопје се палат пластични материјали што според нив беше причина за загадениот воздух синоќа. Од Министерството за животна средина велат дека причина за загаденоста бил пустинскиот ветар кој донел прашина во земјава, но од Град Скопје и од Инспекторатот за животна средина, засега нема никакви информации што била причината за високото загадување и што е преземено.
Невообичаено високи вредности на загаденост на воздухот вчера покажуваат и споредбените податоци на Министерството за животна средина и просторно планирање од 16 до 23 јуни. Интересен е податокот што и во Лазараполе каде што и во зима нема загаден воздух, вчера е регистрирана висока загаденост од 100 милиграми на кубен метар.
Во Карпош каде што во изминатите денови имаше загаденост на воздухот далеку под дозволената граница од 50 микрограми на кубен – околу 33,8 µg/m3 вчера се измерени 62,6 микрограми на кубен метар ПМ 10 честчки.
Вчера во скопската општина Центар се измерени 68,9 µg/m3 ПМ 10. Повисоко загадување имало и во Лисиче – 58,4, Ректорат – 54,9, Миладиновце – 54,5 и Ѓорче Петров – 52,4 микрограми на кубен метар. Само во Гази Баба се измерени 47,4 микрограми на кубен метар.
Дневни PM10 концентрации (µg/m3) | ||||||||
време | Центар | Гази Баба | Карпош | Лисиче | Ректорат | Миладиновци | Мобилна станица-Бутел (02.2018-06.2019) | Мобилна станица – Ѓ. Петров |
Јун 16 | 29.7746 | 16.8085 | 27.3237 | 28.9479 | 19.4524 | 20.3008 | ||
Јун 17 | 33.6081 | 19.5506 | 28.9604 | 31.2973 | 27.9169 | 17.0333 | 17.9188 | |
Јун 18 | 34.4271 | 23.3321 | 33.8333 | 28.0836 | 29.6511 | 20.7042 | 20.6425 | |
Јун 19 | 41.1987 | 23.1694 | 33.2275 | 28.793 | 31.2578 | 24.9783 | 23.9946 | |
Јун 20 | 50.4463 | 23.9367 | 33.9984 | 31.5823 | 33.3959 | 22.0917 | 25.7079 | |
Јун 21 | 48.595 | 28.0749 | 33.8937 | 36 | 36.6647 | 24.2174 | 33.1613 | |
Јун 22 | 68.9608 | 47.4614 | 62.8925 | 58.408 | 56.9134 | 54.5522 | 52.4946 | |
Јун 23 |
Табелата покажува дека претходниот ден загадувањето на сите мерни места во Скопје и другите градови било далеку под дозволениот максимум.
Во Центар се измерени 48,5 µg/m3,во Карпош – 33,8, Лисиче – 36, Ректорат – 36,6, Миладиновци – 24,2 во Ѓорче Петров – 33,1. Во Гази Баба на 21 јуни се измерени 28 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички.
Според овие податоци, вчера попладне нешто се случило што драстично го загадило воздухот во Скопје.
И денеска на некои мерни места е измерена висока концентрација на ПМ 10 честитки. Во Скопје на мерното место Миладиновци, во осум часот се измерени 985 µg/m3. Висока загаденост на воздухот утрово во 8 часот е регистрирана и во Битола, Кавадарци и Велес, а средно висока во повеќе градови во земјава: Тетово, Гостивар, Кичево, Куманово, Кочани и Струмица. Многу ниско ниво на ПМ 10 честички има во Дебар и во Гевгелија.
Како моментално изгледа загаденоста на воздухот по градови може да се види на сајтот на Министерството за животна средина.
Од Министерството за животна средина велат дека среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките вчера (22.06.2021) се благо надминати на речиси сите мерни места, освен на мерното место во Гевгелија.
– При анализа на квалитетот на воздухот се зема предвид и временската прогноза која ја добиваме од УХМР. Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина (се претпоставува дека станува збор за пустински ветер) и истиот може да продолжи и во наредните денови. Од таа причина забележано е надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честичките и на мерното место во Лазарополе во кое во вообичаени услови нема надминување – велат од Министерството за животна средина.
Оттаму додаваат дека кај Ректорат и во Миладиновце имало прекин на мерењето поради немање струја.
– Во врска со забележаната висока вредност на ПМ 10 суспендираните честички на мерното место Ректорат и Миладиновци известуваме дека тоа е резултат на прекин на напојување со електрична енергија при што настанува прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките. По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни – велат од Министерството.
Невладините еко-организации, пак, вчера ги објавија овие податоци за загаденост на воздухот по градови.