Пуштете го Миле Јанакиески на слобода!
И реформски и човечки е така да се постапи. Човекот одлежа 4 години и 8 месеци во притвор. При тоа, нема законски пречки тој "стаж" да не му се засмета во затворската казна досудена за случајот „Титаник".
Со внимание ја прочитав темелната анализа на академик Владо Камбовски во врска со дилемата што се наметна во стручната јавност откако одбраната на осудениот во предметот „Титаник“, кој доби затворска казна од 3 години и 6 месеци, побара да му се засмета и вкупното време поминато во притвор.
Како што е познато, Јанакиески е поранешен министер и функционер на ВМРО-ДПМНЕ со најдолг притворенички „стаж“ од сите. Тој досега одлежа 4 години и 8 месеци во притвор. Одбраната смета дека тој „стаж“ треба да се засмета во казната, без оглед што е стекнат за различни предмети.
Академик Камбовски објави несомнено сериозна научна и телеолошка аргументација во поткрепа на својата теза дека во случајот на Јанакиески, при донесување на осудителната пресуда, Судот мора да го засмета притворот, независно за кое кривично дело против него биле покренати различните постапки.
Базичниот принцип на казненото право во однос на толкувањето на законите гласи: In dubio pro reo. А тоа значи дека секогаш кога постои двоумење, треба да се одлучува во корист на обвинетиот, категоричен е Камбовски.
И универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека не постои законска пречка досегашното време поминато во притвор за различни судски постапки на осудениот Миле Јанакиески да му се засмета во правосилната казна за случајот „Титаник“. Во случајов, според Калајџиев, Судот треба да се повика на принципот на правичност и да овозможи фер компензација.
Немам што многу да додадам во прилог на мојот личен апел Судот во случајот на Миле Јанакиески, да демонстрира фер и коректен однос и да се приклони кон мислењето на двајцата угледни кривичари. Дотолку повеќе што ниту еден закон не забранува Судот да постапи како што бара одбраната – а тоа што не е забрането со закон, дозволено е.
Би можел само да потсетам само на три дополнителни и неспорни факти поврзани со Миле Јанакиески.
Прво, во случајот „Титаник“, осудениот призна вина. Тоа е факт што мора да се цени при пресудувањето.
Второ, станува збор за единствениот осуденик во предметот „Титаник“ којшто доби затворска казна.
И трето, верувам дека и заговорниците на најстрога казнена политика при спроведувањето груба одмазда кон припадниците на режимот на Груевски ќе се согласат дека Јанакиески сепак го одлежа своето. Кон него, како кон никој друг, ова нереформирано судство, во кое јавноста нема доверба повеќе од 4 отсто, досега покажа невидена грубост и нехуманост.
Ако беше за аир, доста беше!
Пуштете го Миле на слобода!
И реформски и човечки е така да се постапи.