Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО). Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден, речиси по едно пакетче. И покрај неодамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Северна Македонија сè уште не е на задоволително ниво.
Ова го покажуваат најновите истражувања презентирани денеска. Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) одржа национална презентација на резултатите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Северна Македонија, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија, во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 мај.
Употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.
– Студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението – рече министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити.
На настанот се презентираа и наодите од Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија, спроведен во соработка со УНДП. Во согласност со Глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО (FCTC 2019), преку овие наоди се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа: зголемување на даноците на тутунот, создавање јавни места во кои не се пуши, задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот, зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот, воведување обична амбалажа на тутунските производи, спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство на тутун, промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун, зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица и зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот.