ПУНКТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА И НА УКИМ Вакцината поблиску до студентите
Вирусот се шири меѓу младите, тие се медијатори може да го шират и во своите семејства. Битно е тие да се социјализираат, да ги вратат назад своите животи, рече Филипче.
Нов пункт за вакцинација ќе биде отворен во четврток на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со цел вакцината да биде подостапна за младите, најави министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес конференција.
– Младите граѓани се оние кои во моментов се најизложени на ковид вирусот и се главни медијатори, поради комуникацијата со своите соученици, другари. Со овој чекор се става акцент на тоа вакцините да бидат подостапни и за младите граѓани за тие да се вакцинираат во поголем број во периодот што претстои. Вирусот се шири меѓу нив, тие се медијатори може да го шират и во своите семејства. Докажано е дека вакцината е безбедна, докажано е дека е ефикасна, не треба да има страв, тоа е еден од начините да се спречи ширењето на вирусот. Битно е младите да се социјализираат, да ги вратат назад своите животи. Знаеме колку им се промени животот во изминатиот период со тоа што немаа социјални контакти, со тоа што не одеа во училиште и затоа и за помладите важи правилото дека само со вакцинација може да ги нормализираат целосно животите. И затоа сега ставаме акцент на промоцијата, на повикот кон помладите да се вакцинираат – потенцираше Филипче.
Мотивирачки повик за сите млади испрати и студентот по медицина, Ернес Никочевиќ. Тој ги повика младите да се вакцинираат, повикувајќи се на искуството коешто го стекнал во изминатиот период од започнувањето на пандемијата, како волонтер во спроведувањето на епидемиолошките анкети на потврдени случаи со ковид-19 во есенскиот период, во ковид центрите и во процесот на имунизација кадешто учествуваа повеќе од 120 волонтери од медицинскиот факултет.
– Оваа моја порака денес сакам да ја упатам до сите млади луѓе во земјата, моите врсници, да покажеме еден висок степен на свест, на сериозност и на одговорност кога станува збор за јавното здравје, да се вакцинираме, да не дозволиме да се преплават здравствените капацитети, да се заштитиме себеси и да ги заштитиме луѓето околу нас – рече студентот Никочевиќ.
Вакцинацијата во земјата се одвива добро и процесот тече регуларно во сите пунктови низ државата. Во изминатиот период е пораснат опфатот со вакцинација кај повозрасните граѓани. Од вкупното население над 40 години, вакцинирани се 53 отсто.