ПУМПНАТА СТАНИЦА ТАОР Е ВО КАТАСТРОФАЛНА СОСТОЈБА Ако откаже, Скопската Котлина може да се поплави

Министерот за земјоделство по денешната посета најави дека од следната година ќе почне да се модернизира пумпната станица и каналскиот систем.

593

Пумпната станица Таор која ги покрива општините Петровец, Илинден и Гази Баба, каде што се зафаќаат води од околу 6.600 хектари преку 150 километри отворена каналска мрежа е во катастрофална состојба и може да го загрози тој дел од Скопската Котлина, изјави денеска по посетата на станицата министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тој  најави дека веќе од следниот буџет ќе се издвојуваат пари за нејзина модернизација.






-Ние веќе во наредната година во програма ќе предвидиме средства за модернизација на оваа станица, да се намали ризикот од евентуални штети кои што би значело излевање на водата од оваа каналска мрежа – рече Трипуновски.

Тој додаде дека изминатиов период Владата одвои 100 милиони денари на АД Водостопанство за покривање на платите на вработените кои што веќе 4 месеци немаа земено плата. Две плати се исплатени, а во наредните денови и другите две плати ќе бидат исплатени на вработените од АД Водостопанство.

– Со тоа сакаме да кажеме дека навистина како Влада даваме сериозен приоритет во делот на Водостопанството бидејќи е важна гранка во земјоделството како за наводнување така и за одводнување на земјоделските површини. Со овој приоритет ќе продолжиме и во наредните години бидејќи нас земјоделството и водостопанството ни се важен сегмент во целиот земјоделски процес кој што го имаме како држава – рече Трипуновски.

Поврзани содржини