ПУКАШЕ ВО МОИТЕ ДВЕ ЌЕРКИ ПРЕД МОИ ОЧИ, ЕДНАТА БЕШЕ ТРУДНА Татко раскажа за грозоморното убиство што ја потресе Хрватска

Потрагата по напаѓачот уште истата вечер била проширена кон соседна Словенија. Двете полиции распишале потерници, а граѓаните се предупредени дека Оршуш е вооружен и исклучително опасен.

0

„Бев дома и тој дојде, пукаше насекаде. Кога почна да пука, со мака се извлеков, тоа не може да се опише“ – раскажа за „24 часа“ потресениот татко на двете млади жени кои во четвртокот вечерта во Мурско Середишќе беа жртви на оружен напад. Едната, 28-годишна жена, почина во болницата во Чаковец, а нејзината 29-годишна сестра се бори за живот. Злосторството во куќата на улицата Ситнице ги потресе сите жители на хрватското погранично гратче.
Таткото потврди дека неговата ќерка била бремена.
– Не ми е јасно зошто мораше да ја убие – вели скршениот татко.
Полицијата ја добила пријавата во 20:53 часот и веднаш на терен биле испратени сите расположливи полициски единици и Брзата помош. Утврдено е дека Јосип Оршуш (40) од Пишкоровец, вооружен со огнено оружје, најпрво во куќата ја ранил 28-годишната невенчана сопруга, а потоа при излегувањето, пукал и во нејзината постара сестра. Во болницата, и покрај обидите за реанимација, помладата сестра починала во 22:10 часот, додека постарата и понатаму е во животна опасност.

Соседите и роднините, кои за неколку минути се нашле на улица, сè уште се во шок. Според нивните изјави, по пукањето Оршуш избегал со својата „опел астра“, а полицијата пристигнала за неколку минути, но тој веќе успеал да побегне.
Потрагата по напаѓачот уште истата вечер била проширена кон соседна Словенија, бидејќи местото на настанот е многу блиску до границата. Двете полиции распишале потерници, а граѓаните биле предупредени дека Оршуш е вооружен и исклучително опасен. Во петокот наутро во Словенија бил пронајден автомобилот со кој осомничениот избегал од местото на злосторството.
Оршуш на денот на злосторството требало да се јави на издржување затворска казна во загрепскиот затвор Реметинец поради кражба, а в понеделник требало да се појави пред судија за дополнителна казна од десет месеци поради сообраќаен прекршок.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ нагласи дека станува збор за рецидивист со околу 35 кривични дела евидентирани во системот. Тој потврди и дека убиената жена извесно време престојувала во сигурна куќа, што повторно го отвора прашањето за ефикасноста на превентивните механизми за заштита од фемицид. Само оваа година во Хрватска се убиени 17 жени, а сторителите претежно биле нивни партнери. Тој број е речиси ист со ланскиот, но двојно поголем од 2023, рече министерот Божиновиќ.

Поврзани содржини