📽️ ПУКАЛЕ ВО НЕГО ДОДЕКА ЈА ЧИТАЛ ОДЛУКАТА Убиен судија во Апелацискиот суд во Тирана
Во Тирана судијата Астрит Калаја беше убиен во судска сала додека ја чита донесената одлука во случајот за сопственост на поранешна училишна зграда, додека двајца цивили беа повредени но се надвор од животна опасност.
Попладнево, сериозен инцидент го потресе албанското судство и јавноста, кога во судската сала на Апелацискиот суд во Тирана, со огнено оружје, беше пукано во судијата Астрит Калаја. Судијата веднаш беше пренесен во клиниката за трауматологија во Тирана, но кусо потоа подлегнал на здобиените повреди.
Сторителот Ѓан Шкемби испукал три куршуми кон судијата веднаш откако Калаја започнал да ја чита одлуката во неговиот случај. Дел од куршумите погодиле и двајца цивили – татко и син – кои се надвор од животна опасност.
Судијата Калаја водел предмет поврзан со сопственоста на поранешна училишна зграда во северниот град Скадар, каде што биле сместени 31 семејство. Семејствата го тужеле Шкемби за тоа што, како што тврдат, со фалсификувани документи станал сопственик на објектот и околната површина и барал од нив да ја напуштат зградата.
Останува нејасно како сторителот успеал да мине преку неколку физички проверки и детектори за метал, што го отвора прашањето за безбедноста во судските институции.