ПУКАЛ КОН МЛАДИ, ПА НАПАДНАЛ И ПОЛИЦАЈЦИ Уапсен 28-годишник кој стрелал со пушка, бил ранет и приведен
Напад започнал во село Долно Српци кога осомничениот Г.П. извадил пушка и пукал кон група млади, а потоа се заканувал и на полицајци. По кратка потера и вооружен отпор, бил совладан и приведен.
Битолската полиција вчера го уапси 28-годишниот Г.П. од село Ангелци, струмичко, кој со огнено оружје нападнал граѓани, а потоа и полицајци. Инцидентот започнал околу 15 часот во село Долно Српци, откако 22-годишниот Т.Р. пријавил дека со своите другари забележале сомнително лице во возило Форд без регистарски таблички, кое се движело низ селото.
Сомневајќи се дека станува збор за крадец, младиот човек и неговите другари се обиделе да го спречат возилото. Тогаш, осомничениот излегол од автомобилот, извадил пушка од багажникот и почнал да пука кон нив. За среќа, никој не бил погоден.
Полицијата веднаш интервенирала и по неколку часовна потрага, возилото било пронајдено во нива во селото Долно Српци, а самиот напаѓач бил лоциран во нива кај село Вашарејца, општина Могила.
Според информациите од МВР, при апсењето, Г.П. не ја послушал наредбата да ја фрли пушката, туку ја вперил кон двајца полициски службеници. Полицајците испукале предупредувачки истрели, но осомничениот се обидел да му го одземе службениот пиштол на еден од нив, а потоа се обидел и да пука.
Во самоодбрана, еден од полицајците пукал двапати кон напаѓачот, по што тој бил совладан. Со возило на Итна медицинска помош, Г.П. бил пренесен во Клиничката болница во Битола, каде му била укажана медицинска помош. Подоцна бил префрлен во Полициската станица Битола, а случајот е под истрага на јавен обвинител.